Во услови на висока инфлација, нашата централна банка, како и останатите централни банки, презема оправдани мерки за ублажување на инфлациските притисоци, а очекува дека во натамошниот период постепено ќе се стабилизира инфлацијата смета професорот Никола Поповски и поранешен министер за финансии.
Тој интервју за МТВ нагласува дека овие мерки позитивно ќе делуваат и на домашното штедење.
Ја истакнува и важноста на мерката на Народната банка за поддршка на компаниите за инвестиции во обновливи извори на енергија, преку пониски каматни стапки на овие кредити.
-Народните банки, централните банки, секаде во светот, како и нашата Народна банка, преземаат мерки колку е можно за да се контролира инфлацијата. Ако не за да ја намалиме, тогаш барем за да го оневозможиме натамошниот раст. Од тие причини, во неколку наврати, се зголемува базичната стапка на благајничките записи, односно референтната стапка, којашто стигна до три проценти. Таа сè уште не е висока, вели професорот Поповски.
Во однос на натамошната динамика на инфлацијата Поповски очекува од март наредната година да се намалува, односно да стагнира.
-Добрата вест е што нивото на раст на инфлацијата забавува и од неколку проценти месечно, сега се намалува на 2, па на 1 процент месечно, со тенденција, веројатно, во текот на зимава уште малку да се задржи заради војната и снабдувањето со енергентите, а веќе од наредната година (март, април, кога и почна ценовното ниво да оди нагоре), да се намалува, односно да стагнира, вели Поповски.