Попризова: Раселувањето од војната остава сериозна трага врз животот на детето и ги руши сите столбови на сигурност

од Берта Китинска
463 прегледи

Искуствата од некои минати воени дејствија во нашиот регион покажуваат дека последиците по менталното здравје на децата погодени од војна се долгорочни. Последиците се индивидуални и зависат од резилиентноста кој ја поседува секоја индивидуа,вели во разговор за „Локално“, психологот Ана Попризова.

Според неа она што е најзначајно во овие моменти кога имаме зачестени вести, видеа на социјалните мрежи од војната е да се одржи комуникацијата со децата.

-Добро е да се провери со детето што знае за ситуацијата и како се чувствува. Некои деца можеби знаат малку за тоа што се случува и не се заинтересирани да зборуваат за тоа, но други можеби се загрижени, но не споделуваат со возрасниот. Со помалите деца, цртањето, приказните и другите активности може да помогнат да се отвори дискусија. Децата можат да ги откријат вестите на многу начини, па затоа е важно да проверат што гледаат и слушаат на ТВ и социјални мрежи, појаснува Попризова.

Една од најтешките теми на секоја војна или конфликт е страдањето на децата. Секојдневно читаме за раселени цели семејства поради војната во Украина. Како може да се заштитат децата за војната да не остави трајна „лузна“ на нив?

Децата кои се допрени од воени дејствија секако дека се жртви на воениот конфликт. Не може да се каже дека постои било каков начин на кој тие би се заштитиле. Раселувањето остава сериозна трага врз животот на детето, го изместува од домот кој е извор на неговата сигурност, го одделува од родителите, пријателите, роднините и училиштето. Практично ги руши сите столбови на сигурност и безбедност на детето. Она што може да се прави во вакви ситуации е да се делува со психо-социјални програми со кои се зајакнуваат капацитетите на детето за адаптација во некоја нова средина. Исто така многу е важно државите и средините кои се домаќини на бегалците да бидат подготвени да даваат поддршка и да понудат услови за брза интеграција во новата средина.

Психолошки и психијатриски студии покажуваат дека војната има долгорочни последици за децата и адолесцентите. Како резултат на тоа, децата може да развијат анксиозност и посттрауматско стресно растројство, депресија, дисоцијативни состојби…Уништени ли се генерации деца поради случувањата во Украина?

Сите наведени состојби се појавуваат кај децата и адолесцените како резултат на воените дејствија. Многу деца ќе изгубат свои блиски во воениот конфликт, ќе бидат раселени и нивните семејства и средини во кои живееле и учеле ќе се променат. Искуствата од некои минати воени дејствија во нашиот регион покажуваат дека последиците по менталното здравје на децата погодени од војна се долгорочни. Последиците се индивидуални и зависат од резилиентноста кој ја поседува секоја индивидуа. Генерално, за состојбите како анксиозност, депресивност и посттрауматско стресно растројство науката докажала дека се во директна врска со траумата доживеана од воени дејствија. Кај децата кои се во Украина доминира изолженоста на бомбардирања и неизвесноста од воздушни напади, а секако стресно ќе се доживеат и директните воени дејствија, присуството на тенкови на терен и сл. Не помалку важно е и како родителите и / или оние кои се грижат во овој момент се чувствуваат, бидејќи децата ја темелат својата сигурност врз сигурноста и стабилноста на возрасните. Ќе треба многу време и работа за да се стабилизира менталното здравје на сите возрасни категории кои се изложени на воени дејствија. Војната во Украина има влијание и пошироко во европскиот регион, предизивикува страв и незивесност и во останатите европски земји, заради бруталноста во постапките и неизвесноста во размерот на земји кои се зафатени или можат да бидат во иднина.

На социјалните мрежи може да се видат голем број на родители и деца скриени во скривници кои се обидуваат да ги дефокусираат своите најмили од хорорите кои се случуваат недалеку од нив. Сепак, како треба да се разговара со децата за војната?

Од тоа што го гледаме, можеме да заклучиме дека родителите се справуваат најдобро што можат во контекстот во кој се наоѓаат. Она што е најзначајно е да се одржи комуникацијата со децата, соодветно на нивната возраст . Да се открие што знаат и како се чувствуваат. Добро е да се провери со детето што знае за ситуацијата и како се чувствува. Некои деца можеби знаат малку за тоа што се случува и не се заинтересирани да зборуваат за тоа, но други можеби се загрижени, но не споделуваат со возрасниот. Со помалите деца, цртањето, приказните и другите активности може да помогнат да се отвори дискусија. Децата можат да ги откријат вестите на многу начини, па затоа е важно да проверат што гледаат и слушаат на ТВ и социјални мрежи.

Постојаниот прилив на вознемирувачки слики и наслови може да направи да се чувствуваме како кризата да е насекаде околу нас. Помалите деца можеби нема да прават разлика помеѓу сликите на екранот и нивната лична реалност и може да веруваат дека се во непосредна опасност, дури и ако конфликтот се случува далеку. Постарите деца можеби виделе загрижувачки работи на социјалните мрежи и се плашат како настаните би можеле да ескалираат.

Важно е да не се минимизираат или негираат нивните грижи. Ако постават прашање што може да ви изгледа екстремно, како на пример „Дали сите ќе умреме?“, да се увери детето дека тоа нема да се случи, но исто така се да дознаете што слушнале и од каде доаѓаат тие грижи. Многу е значајно родителот да ги прифати нивните чувства и да ги увери детето дека тоа што го чувствува е природно.

Конфликтот често може да предизвика појава на предрасуди и дискриминација, без разлика дали се работи за народ или земја. Дури и ако конфликтот се случува во далечна земја, тоа може да поттикне дискриминација, како што е на нашиве простори, со појава на про и контра ставови врзани со Украина и Русија, што ги вжештува социјалните мрежи. Секој заслужува да биде безбеден на училиште и во општеството. Насилството и дискриминацијата се секогаш за осуда и секој од нас треба да го даде својот удел за да се шири добрина и да се поддржуваме едни со други. Добро е да се зборува и за солидарноста и помошта и грижата која доаѓа од други страни. Ова може да поттикне и проактивен однос и ангажман кај децата и тие да се вклучат во некои активности и да дадат помош и поддршка. Чувството да се направи нешто, без разлика колку е мало, често може да предизвика позитивни ефекти.

Следење на психосоматските манифестации како болки во стомак, срцебиење, препотување, главоболки, кошмари и сл. се сигнали кои укажуваат дека детето чувствува страв, вознемиреност, грижа, фрустарција или лутина заради состојбата. Техники за релаксација и дишење можат да помогнат да се намали првичната вознемиреност.

Како може земјата да го надомести психичкото осакатување на децата и младите? За очекување ли се губитоци генерално за цело општество, па и економски, поради ужасите на војната?

Последиците од војната за некои луѓе и деца кои ќе доживеат загуба на блиски или на своите домови се ненадокнадливи. Ниту една помош од било каков вид нема да биде соодветна за загубата на родител или друга блиска личност, за загубениот дом или училиште. Процесот не опоравување е долготраен и мачен и секогаш е проследен и со економски загуби. При војна губи целото општество и регион. Луѓето се адаптираат на нови услови, но тоа никогаш не значи и пополнување на загубата, само учење да се живее со неа.

Б.М.

Слични содржини