Центарот за управување со кризи, повикувајќи се на информации од Македонски железници, утринава информира дека покрај експертите од Градежен факултет, ангажирани биле и нуркачи со цел и под вода да се утврди состојбата на столбовите на мостот на реката Црна.
Поради напукнат бетонски столб на мост на Црна река на линијата Гевгелија-Велес помеѓу железничките станици Кукуричани-Градско во близина на Стоби, железничкиот сообраќај на овој патен правец се уште е целосно во прекин.
-Патничкиот сообраќај сепак се одвива со „премостување“ – со автобуски превоз. На барање на Македонски железници професори од Градежен факултет вчера биле излезени на терен и извршиле увид на состојбата со мостот. Потоа биле на состанок во ЈП Македонски железници се со цел изнаоѓање на решение за санација на мостот и мерки и активности кои што треба да се превземат за да се надмине настанатата состојба, велат од ЦУК.
Посочуваат дека за донесените одлуки дополнително ќе информираат кога ќе добијат известување по завршувањето на анализите и разгледувањето на ситуацијата.