Поради Навални: Германија ја предупреди Русија дека може да се откаже од „Северен тек 2“

од Vladimir Zorba
211 прегледи

Денеска Германија го зголеми притисокот врз Русија поради труењето на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални и предупреди дека во отсуство на поддршка од Москва за истрагата на тој случај, може да се преиспита судбината на германско-рускиот гасовод „Северен тек 2“.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас за весникот „Билд ам Зонтаг“ изјави дека „се надева дека Русите нема да ја принудат“ Германија да ја сменат својата позиција за гасоводот „Северен тек 2“ преку Балтичко Море.

„Ако руската страна не придонесе во истрагата во наредните денови, ќе мора да се консултираме со нашите партнери“, рече Мас.

Тој не ја исклучи можноста за воведување санкции кон Русија и рече дека ваквите мерки треба да бидат „ефикасно насочени“.

Сепак, Мас призна дека запирањето на изградбата на скоро завршениот гасовод ќе им наштети на германските и европските компании.

„Повеќе од 100 компании од 12 европски земји учествуваат во изградбата, а околу половина од нив се од Германија“, рече Мас.

Германската влада е под зголемен притисок да го искористи гасоводот „Северен тек 2“, со кој рускиот гас би се доставувал директно до Германија, за да се принуди Кремљ на одговори за труењето на Навални.

На Навални, жесток критичар на Путин, му се слоши пред две недели за време на лет за Москва. Тој беше пренесен во болница во сибирскиот град Омск, а неколку дена подоцна беше пренесен на лекување во болница во Берлин, каде сè уште е во вештачка кома.

Германските власти соопштија дека тестовите покажале дека Навални е отруен со нервен агенс од групата „новичок“, развиен во Советскиот Сојуз.

Кремљ ги отфрли обвинувањата дека е вмешан во труењето на Навални и рече дека Германија не и дава никакви докази на Москва за неговата состојба.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека труењето на Навални е обид за атентат и побара целосна истрага.

Лекарите од берлинската болница наведуваат дека Навални е во стабилна состојба, но очекуваат дека неговото закрепнување ќе трае долго и не исклучуваат долгорочни здравствени последици.

Слични содржини