Сериозен дефект на водоводна цевка Ф600мм во Влае беше причината за поплавата во населбата, како и за тоа што во делови од градот синоќа снема вода, а на други места притисокот беше намален. Од ЈП „Водовод и канализација“ информираа дека поради повеќе краткотрајни прекини на снабдување со електричната енергија во регионот кај бунарите на Лепенец, предизвикана е варијација на притисокот на пумпниот систем од бунарите кон градскиот цевковод од каде се дополнува водоснабдителниот систем.
„Како резултат на прекините на мрежата на електрична енергија, настанати се 2 дефекти истовремено на главната водоводна линија Ф-600, како и дефект во шахта на Ф-400 на еден од бунарите.
Поради овие дефекти, во неколку населени места од градот дојде до прекин на водоснабдувањето, но по брзата реакција на нашите екипи водоснабдувањето постепено се стабилизира со цел да се избегнат нови појави на дефекти и дополнителни оптоварувања на системот.
Екипите на ЈП Водовод и канализација веднаш излегоа на терен и работат интензивно на санација на дефектите, со цел во најкраток можен рок да се обезбеди целосна нормализација на водоснабдувањето“, стои во соопштението од скопскиот „Водовод“.
Од „Водовод“ информираа и дека, иако станува збор за навистина сериозен дефект, успеале да обезбедат поголем доток на вода за градот преку цевката од другата страна на Вардар. Со тоа, се очекува граѓаните да имаат нормално водоснабдување.
„Поради сериозен дефект на водоводна цевка Ф600мм.на улица Франце Прешерн 100Д во населба Влае со прекинато водоснабдување ќе биде голем дел од градот, а останатиот дел од градот ќе биде со намален притисок. Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување на работните активности“, соопшти вчера од скопското Јавно претпријатие за дефектот.