Поради растечките трошоци за живот, еден од пет Хрвати работи на две места

Еден од пет Хрвати има дополнителна работа поради растечките трошоци за живот, според студијата на која се повикува хрватската новинска агенција ХИНА

од Vladimir Zorba
8 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Digital Walk101

Еден од пет Хрвати има дополнителна работа поради растечките трошоци за живот, според студијата на која се повикува хрватската новинска агенција ХИНА.

Најчестите втори работни места се во услужниот сектор, превозот на патници, чистењето и разни видови привремени вработувања.

Анкетата, спроведена меѓу 690 испитаници од онлајн услугата „Моја плата“ (Mojaplaca), дел од компанијата „Alma Career Croatia“, покажува дека 21 процент од испитаниците имаат втора работа главно за дополнување на приходите во домаќинството. Многу од испитаниците посочија дека една плата повеќе не е доволна за покривање на трошоците за домување, храна и гориво, а некои дури бараат и трет извор на приход.

Други 35 проценти од испитаниците размислуваат да најдат втора работа, главно затоа што се финансиски незадоволни или сакаат промена, додека 16 проценти велат дека не се заинтересирани за втора работа затоа што заработуваат доволно или им недостасува време. Околу 28 проценти од испитаниците се невработени.

Во извештајот од анкетата се забележува дека просечната нето месечна плата во Хрватска во третиот квартал од оваа година изнесувала 1.539 евра, иако многумина сметаат дека минималната плата треба да биде околу 2.000 евра за да се обезбеди нормален животен стандард.