Стенд-ап комичарот Ли Хаоши е обвинет за сериозно навредување на војската и предизвикување лошо општествено влијание.
Во Кина сите мораат да следат строги правила, вклучувајќи ги и стенд ап комичарите. Кинескиот стенд-ап комичар Ли Хаоши, познат по уметничкото име Хаус, се најде во центарот на вниманието оваа недела откако употреби термин поврзан со Народноослободителната армија за време на неговата претстава во театарот „Сентури“ во Пекинг минатиот викенд.
Според Си-Ен-Ен, за време на неговиот настап, Ли на публиката и раскажал скеч за тоа како посвоил две кучиња скитници откако се преселил во Шангај. Тој рече дека нивната потера по верверица еден ден го потсетила на овие осум зборови.
„Добар стил на работа, способен да победува битки“, рече Ли, повикувајќи се на добро познатиот слоган на Кинеската Комунистичка партија. Имено, станува збор за израз кој за прв пат го изговори во 2013 година кинескиот лидер Си Џинпинг кога презентираше листа на квалитети со кои командуваше. Оттогаш оваа изрека ја има повторено многу пати.
Таа шега за кинеската војска доведе до огромни казни од властите, па комичарот ќе мора да плати казна од над 2 милиони долари!!! Имено, Општинското биро за култура и туризам во Пекинг соопшти дека филијалата на компанијата ќе биде казнета со 1,91 милион долари, но и дека ќе и бидат одземени 189.000 долари што ги остварила како „незаконски профит“. На компанијата исто така и е на неодредено време забрането одржување на какви било емисии во главниот град на Кина, додека самиот Ли, заедно со неговиот агент, ќе бидат предмет на дополнителна истрага. Во соопштението на судот се обвинува Ли за сериозно навредување на војската и предизвикување лошо општествено влијание. Властите во Пекинг заклучија дека контроверзниот настап на Ли содржи „заговор кој сериозно ја навредува Народноослободителната армија и предизвикува лошо општествено влијание“.