Поради Тајван, Кина воведе блокада на извозот од Литванија

од Vladimir Zorba

Кина воведе царинска блокада на извозот од Литванија, соопшти литванската трговска управа, што, според Танјуг, го продлабочи спорот меѓу Пекинг и Вилнус околу одлуката на балтичката држава да му дозволи на Тајван да отвори претставништво, што е де факто амбасада во таа земја.

Кина го намали нивото на дипломатски односи со Литванија и ги суспендираше конзуларните служби таму откако беше отворена тајванската мисија во таа земја на 18 ноември.
Официјален Пекинг го смета Тајван, кој има автономија, за своја територија, а не за посебна држава.

Тајванските претставништва во Европа и САД го користат името на главниот град Тајпеј, со што се избегнува спомнување на името на островот.

„Жал ми е за оваа одлука на кинеските власти. Штета што оваа мерка е преземена и покрај тоа што Литванија јасно објасни дека отворањето на тајванската мисија не е во спротивност со принципот „Една Кина“, до кој се придржуваме“, изјави литванскиот претседател Гитанас Науседа.

Тој додаде дека побарал од литванската влада да најде начин да ги надомести загубите со кои ќе се соочат домашните компании. Првата информација за потегот на кинеската царина ја објави вчера Видмантас Јанулевичиус, претседателот на Конфедерацијата на индустријалци на Литванија, повикувајќи се на тројцата членови на тоа трговско тело.

„Кинеската царина повеќе не ја чува Литванија на списокот на земји на потекло, така што царинските формулари за испораки на товар од Литванија не можат да се поднесуваат“, рече тој.

Слични содржини