Поради законски измени, ќе нема доволно огревно дрво

од desk3
125 прегледи

6478616119_a25806427b

Цената на еден кубен метар огревно дрво нема да претрпи значајни измени, но ќе го нема доволно на пазарот, односно нема да се стигне да се насече потребното количество за оваа есен.

Ова се прогнозите на приватните сопственици на шуми, кои се разочарани од бавноста на Јавното претпријатие „Македонски шуми“. Нивните вработени, според законските измени, се единствените што треба да излезат на терен и да ги маркираат дрвјата за сечење во приватните шуми, што потоа се испорачуваат на купувачите. Порачки има премногу, се жалат сопствениците, но на граѓаните не може да им се излезе во пресрет.

– Кратки се роковите за сеча од петнаесетина дена, колку што важат дозволите. За тој период шумарите не стигнуваат да излезат на терен и да ги маркираат дрвјата и дозволите пропаѓаат – изјави претседателот на Здруженото на приватни сопственици на шуми, Војо Соколовски.

Сопствениците, кои имаат само 13 отсто од шумскиот фонд во државата, бараат да се врати старото законско решение, со кои маркирањето го вршеа сертифицирани шумари.

До крајот на мај заврши рокот за аплицирање за добивање државна помош за обнова на шумите. Сопствениците на шуми сметаат дека ова е добар потег, бидејќи досега само се сечеа шумите, но не се обновуваа.

– Барам државна помош бидејќи сметам дека обновената шума ќе биде убаво наследство за моите деца – изјави Велин Цветковски од штипско Љуботен, кој по години поминати во Италија почнал да се занимава со сточарство.

Според законските измени од минатата година, сопствениците на шуми можат да добијат финансиска помош до максимални 150.000 денари за обнова на шумскиот фонд. Дел од сопствениците засадија вид брзорастечка топола, која е барана во дрвната индустрија.

В.К./извор: Мета