Американското министерство за правда интервенираше во судската постапка против поранешниот високорангиран саудиски разузнавач кој е цел на престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, со цел да ги заштити доверливите тајни на разузнавачките служби, пишува Си-Ен-Ен.
Министерството тврди дека, доколку се дозволи продолжување на судењето, тоа може да доведе до „откривање информации што разумно може да се очекува да и наштетат на националната безбедност на САД“.
Случајот е поднесен против Саад Алабри, поранешен висок саудиски антитерористички службеник, кој, според Си -Ен -Ен, ужива голема почит кај американските разузнавачи и антитерористички службеници, кои тврдат дека „спасил стотици, можеби илјадници американски животи“.
Алабри избега во Канада во 2017 година и стана непријател на престолонаследникот Салман, откако со години работеше со поранешниот шеф за борба против тероризмот во Саудиска Арабија, принцот Мохамед бин Најеф, кој беше ривал на Салман за престолот.
Група саудиски компании во сопственост на Кралскиот државен фонд, кои Салман ги контролира, поднесоа тужби против Алабри за наводни малверзации, прво во Канада, а потоа и во САД.
Аjабри ги отфрла обвинувањата и го обвинува принцот дека испратил атентаторски одред во Канада за да се обиде да го убие, и дека ги држи неговите две деца како заложници во Саудиска Арабија.
„Според извор кој служел во владата и е запознаен со случајот и разузнавањето, доверливите информации што би можеле да излезат на виделина вклучуваат разузнавачки односи, операции, доверливи извори и методи. Откритијата исто така може да бидат засрамувачки, особено за службениците од ерата на Обама, со оглед на честопати „несоодветната“ природа на разузнавачкиот свет“, додаде изворот, објави Си-Ен-Ен.