Шефот на германската служба за надворешно разузнавање, Бруно Кал, предупреди дека Германија има „конкретни“ разузнавачки докази дека Русија планира напад врз територијата на НАТО со цел да тестира клучна точка на алијансата – Член 5, кој гарантира заемна одбрана.
Во ретко интервју за германскиот поткаст Table Briefings, Кал рече дека руското раководство повеќе не верува дека НАТО ќе застане на страната на своите членови и дека Москва би можела да се обиде да провери дали таа обврска всушност се исполнува.
– Многу сме сигурни, а имаме и разузнавачки докази, дека [руската инвазија на] Украина не е крај, туку само чекор на патот на Русија кон Западот, рече Кал.
Русија сака да го врати НАТО на границите од 1990-тите
Тој додаде дека ова не значи дека Германија очекува „големи тенковски единици да се движат од исток кон запад“, но истакнува дека има луѓе во Москва кои сериозно се сомневаат во ефикасноста на Член 5.
Неговите изјави се надоврзуваат на претходните предупредувања на германскиот министер за одбрана Борис Писториус, кој постојано нагласуваше дека Германија „мора да биде подготвена за војна“ до крајот на оваа деценија.
„Во моментов не верувам дека е веројатен руски напад“, рече Писториус во интервју за Тагесшпигел минатата година. „Нашите експерти проценуваат дека ова би можело да стане можно во рок од пет до осум години“.
Слична проценка даде и данската воена разузнавачка служба во извештај објавен во февруари. Според нив, ако војната во Украина заврши, Кремљ би можел да ослободи значајни воени капацитети и да започне нов конфликт во соседната земја во рок од шест месеци.
Кал, кој наскоро ќе ја преземе новата функција како германски амбасадор во Светата столица, изјави дека Москва сака да го врати НАТО на границите од 1990-тите, да ги истисне САД од Европа и да го прошири своето влијание со сите средства што ѝ се на располагање. „Мораме да го спречиме ова додека сè уште можеме“, предупреди тој.
Ширење на конфликтот преку кибер напади и шпионажа
Тој истакна дека соработката со САД останува стабилна и покрај повремените тензии. „Американците го сфаќаат Член 5 многу сериозно“, рече Кал, „но тие со право инсистираат дека Европа мора да го преземе својот дел од одговорноста“.
Иако војната е сè уште ограничена на украинска територија, германската агенција за внатрешна безбедност, Федералната канцеларија за заштита на уставниот поредок (BfV), предупредува дека Русија сè повеќе го шири конфликтот кон Западот преку кибер напади и шпионажа.
Според годишниот извештај на BfV, презентиран во Берлин, Москва користи таканаречени агенти со низок профил за да извршат саботажа. Овие агенти се осомничени за испраќање запаливи направи преку пакети, што предизвика серија пожари во логистичките центри низ Европа минатата година.
– Забележуваме дека руската агресија врз Украина сè повеќе ги тестира нашите одбранбени способности во областа на сајбер и разузнавачките операции, изјави Синан Селим, заменик-претседател на BfV.