Лорд Ричардс, кој беше унапреден во највисокиот чин со пет ѕвездички во британската армија претходно оваа година и ги водеше силите на НАТО за време на засилувањето во Авганистан, рече дека сојузниците на Украина го изневериле Киев.
„Ја охрабривме Украина да се бори, но не им дадовме средства за победа“, предупреди поранешниот началник на армијата во поткастот „World of Trouble“ на „Индипендент“.
На прашањето дали Киев може да победи дури и со дополнително оружје, тој ладнокрвно одговори: „Не. Тие немаат доволно луѓе“.
Неговите коментари доаѓаат во време кога војната се приближува кон својата четврта година без јасен напредок. По почетниот шок од руската инвазија и успешните украински контраофанзиви во 2022 година, фронтот едвај се помести во изминатата година. Конфликтот дегенерираше во војна на исцрпување, со беспилотни летала и артилерија, и напади со долг дострел врз енергетски и индустриски цели.
Зеленски побара од Трамп ракети – доби само учтива насмевка
Изјавата на фелдмаршалот дојде кратко откако украинскиот претседател Володимир Зеленски отпатува во Вашингтон за да го убеди американскиот претседател Доналд Трамп да ги испорача ракетите „Томахавк“. Зеленски, според извори во американската делегација, понудил и размена – технологија за беспилотни летала во замена за ракетите.
Трамп, кој во последните месеци се претставуваше како потенцијален „миротворец“, не рече цврсто „не“, но ниту „да“. Во еден момент, тој рече дека „САД мора сами да се грижат за своите залихи“ и го префрли разговорот на американските приоритети.
Ситуацијата дополнително ја искомплицира рускиот претседател Владимир Путин: само неколку часа пред Зеленски да пристигне во Вашингтон, тој се јави на Трамп и му понуди средба – во Унгарија, под покровителство на Виктор Орбан – но без присуство на Украина. Трамп ја прифати идејата и се опиша себеси како „претседател-посредник“.

Фото: Фејсбук/Принтскрин/Индепендент
„Украина не е егзистенцијално прашање за нас. За Русија, тоа е“
Ричардс верува дека Западот нема политичка волја да влезе во директна конфронтација со Москва.
„Украина не е егзистенцијално прашање за нас. За Русија, тоа е“, рече тој. „Можеме да зборуваме за хибридна војна тука, но тоа не е исто како вистинска војна во која нашите војници гинат во голем број“.
Според него, Западот мора да одлучи – или да ја прифати можноста за „замрзнување на конфликтот“ како оној во Кореја, или да ризикува целосна ескалација со нуклеарна сила.
Ричардс и претходно им се спротивставил на властите: „Инвазијата на Ирак се базираше на лаги“
Ричардс е познат по тоа што не се срами да ги критикува властите. Во едно интервју, тој откри дека уште во 2003 година, како заменик-началник на Генералштабот на британската армија, предупредил дека оправдувањето за инвазијата на Ирак – наводните нуклеарни амбиции на Садам Хусеин – е измислено.
„Му реков на Мајк Џексон во тоа време: „Нешто смрди овде“.“