Поранешниот Формула 1 тркачки возач и сопственик на тим, Еди Џордан почина денеска на 76-годишна возраст по тешко боледување, соопшти неговото семејство.
Како што беше објавено, Џордан почина во Кејп Таун, Јужна Африка, од последиците на ракот на мочниот меур и простатата, со кој се бореше со месеци.
„Еди почина на 20-ти март опкружен со своите најблиски по тешка битка со агресивниот рак со кој се бори во последните година дена“, се вели во соопштението на семејството.
По кариерата во автомобилски трки, во која не успеа да стигне до Формула 1, Џордан го основа тимот „Џордан ГП“, кој се натпреваруваше во Формула 1 од 1991 до 2005 година. За тоа време, тимот постигна вкупно четири победи во Ф1 трките.
По затворањето на клубот во 2005 година, Џордан беше коментатор на Би-Би-Си на Формула 1 и се смета за еден од најпочитуваните луѓе во спортот.