Пајковиќ обвинува дека Вукшиќ ѝ се заканувал и ја уценувал по протекувањето на експлицитни видеоснимки поврзани со неа, а како доказ приложи пораки и аудиоматеријали.
Обвинувања за закани и уцени
Под наслов „Закани“, Пајковиќ на Инстаграм објави содржини за кои вели дека покажуваат оти Вукшиќ ѝ се заканувал со објавување компромитирачки фотографии и видеа. Таа тврди дека била изложена на, како што наведува, „екстремно психолошко насилство“, при што ѝ било порачано дека за неа „нема место и живот во Црна Гора“.
Во една од пораките што ги објави, Вукшиќ ѝ пишува дека „самата си ја уништила кариерата“, на што таа му возвраќа дека не прифаќа закани. Во аудиоснимка, за која Пајковиќ тврди дека е автентична, наводно се слуша дека „целата јавност ќе мора да види“, алудирајќи на експлицитниот материјал кој подоцна се појави во јавноста.
Во друга преписка, Вукшиќ ѝ упатува навредлива порака, по што таа му одговара дека неговото однесување е недолично, а тој возвраќа дека не сака повеќе да има контакт со неа.
Споменат и кабинетот на претседателот
Пајковиќ претходно изјави дека дел од заканите доаѓале и од фиксен телефон од кабинетот на претседателот Јаков Милатовиќ, каде што Вукшиќ бил ангажиран како советник. Таа тврди дека се обидела да побара помош и директно од претседателот, но дека не добила одговор.
Случајот го опиша и како иронија, наведувајќи дека додека се зборувало за човекови права на јавни настани, таа лично била изложена на сериозни закани и притисоци.
Вукшиќ ги негира обвинувањата
Дејан Вукшиќ ги отфрли сите обвинувања, тврдејќи дека експлицитните снимки ги видел дури кога почнале да се шират на социјалните мрежи. Тој наведе дека Пајковиќ во октомври 2024 година му го одзела мобилниот телефон, кој подоцна бил злоупотребен, и дека спорната аудиоснимка потекнува од тој период.
Вукшиќ исто така ја обвини Пајковиќ за поврзаност со криминални структури, што таа јавно го демантираше.
Во тек е истрага
Пајковиќ поднела кривични пријави за закани и за таканаречена „одмаздничка порнографија“, која во Црна Гора претставува кривично дело. Обвинителството засега не се огласило со детали, со образложение дека истрагата е во тек.