Поранешни вработени во СЈО бараат извинување од Пендаровски

од Vladimir Zorba
418 прегледи

Поранешните вработените во укинатото Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите бараат извинување од страна на Претседателот Стево Пендаровски за изјавата која ја упати по повод чествувањето на Денот на Републиката од меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце.

Во својот говор Претседателот Стево Пендаровски изјави: „Нашите граѓани со право се разочарани кога гледаат дека обвинителството кое беше симбол на сите наши надежи за расчистување со организираниот криминал се распадна како последица на тоа што и самото стана дел од организираниот криминал…“.

„Во ваквата изјава Претседателот недвосмислено зборува за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, при тоа поистоветувајќи ги сите вработени без исклучок, како да се тие дел од организиран криминал.

Обвинителството не го сочинуваше само една личност, па оттаму крајно некоректно е сите вработени да се поистоветат со постапките на една личност и притоа нивниот труд да биде девалвиран.

Ниту една постапка на вработените во сега веќе укинатото Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите не придонесе за распад на институцијата, туку истата беше укината со политички договор како што беше и создадена.

Бидејќи никој, а особено не Претседател на држава, не може и не смее да обвинува од говорница, бараме Претседателот јавно да се извини на сите кои беа дел од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и да ја повлече ваквата срамна изјава во најкус рок.

Воедно го повикуваме и охрабруваме Претседателот доколку има сознанија и докази за ваквите јавно изнесени наводи, истите да ги достави до надлежното јавно обвинителство на натамошно постапување. Ние како поранешни вработени во укинатото јавно обвинителство веруваме во правосудните органи и ги повикуваме да ги истражат ваквите изнесени клевети на наша сметка од страна на г-динот Пендаровски“, посочуваат оттаму.

Слични содржини