Собранието на Република Македонија со 68 гласа „за“ попладнево го избра Ацо Ристов за нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Ристов е дипломиран електроинженер со три децениско искуство во секторите енергетика, хидроенергија и инфраструктурни системи.
Во неговата богата биографија се наведува дека е експерт за управување со комплексни проекти како хидроелектрани и пречистителни станици. Ристов е член на Комората на овластени архитекти и инженери со највисоки овластувања за проектирање и надзор.
Од владејачкото мнозинство потенцираа дека станува збор за исклучително квалитетен кадар кој ги исполнува сите законски услови и поседува општествен авторитет потребен за водење на едно вакво независно тело.
Ристов е поранешен градоначаник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2021 до 2025 година. Тој доаѓа на местото на Марко Бислимоски кој поднесе оставка кон средината на месец февруари.