Поранешниот шеф на Формула 1: „Би примил куршум за Путин“

од Stefanija Kuzmanovska

Поранешниот шеф на Формула 1, Берни Еклстон, изрази поддршка за Владимир Путин, нарекувајќи го рускиот лидер „личност од прва класа“, додека го критикуваше украинскиот лидер Владимир Зеленски дека не направил повеќе за да го спречи конфликтот во неговата земја.

Еклстон, кој ја водеше Формула 1 40 години, пред да ја напушти функцијата извршен директор во 2017 година, во четвртокот во емисијата „Добро утро Британија“ на ИТВ зборуваше за постојаното восхитување на Путин.

На прашањето на водителот дали сè уште стои покрај рускиот лидер – човек кој често го опишувал како пријател – Еклстон одговорил: „И понатаму би примил куршум за него“.

„Би сакал да не боли, но и да боли, сепак би примил куршум за него. Затоа што тој е човек од прва класа. А тоа што го прави е нешто за кое веруваше дека е вистинската работа за Русија“, наведе тој.

Еклстон сугерираше дека конфликтот во Украина и понатаму е „грешка“ и дека „мора да направите се што можете за да излезете од него“.

91-годишниот британски бизнисмен потоа го обвини украинскиот претседател Зеленски дека не сторил повеќе за да го спречи конфликтот, сугерирајќи дека лидерот бил повеќе наклонет кон својата поранешна улога на актер и комичар.

„Колку што разбрав, човекот беше комичар и мислам дека сака да продолжи со таа професија, бидејќи ако размислуваше за работите, сигурно ќе се обидеше да разговара со Путин, кој е разумен човек и кој би го сослушал и веројатно би можел да направи нешто по тоа прашање“, изјави тој.

Навидум несакајќи да ги прифати ставовите на Еклстон, водителот Бен Шепард вршеше притисок врз поранешниот шеф на Формула 1 зборувајќи за смртта на илјадници невини Украинци и руски војници“.

Да потсетиме, бизнисменот за прв пат изјави дека ќе прими куршум за рускиот претседател во 2019 година и сугерираше дека Путин е најсилниот лидер во Европа.

Слични содржини