Поранешниот шеф на Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) рече дека тој верува дека коронавирусот најверојатно потекнува од лабораторија во Вухан, Кина и ја прифати теоријата што ја отфрлија многу епидемиолози ширум светот и придонесе за тензии во Кина и Запад.
„Сè уште мислам дека најверојатната можност овој патоген во Вухан да е од лабораторијата, знаете, избегал“, рече Роберт Редфилд, кој беше на чело на ЦДЦ во администрацијата на Трамп, во телевизиско интервју за Си-Ен-Ен.
„Не е невообичаено респираторните патогени на кои се работи во лабораторија да заразат лабораториски работник“, рече Редфилд.
Редфилд смета дека е малку веројатно дека болест која потекнува од лилјак, како што веруваат многу експерти, така брзо „да стане еден од најзаразните вируси за кои знаеме во човештвото и се пренесува од личност до личност“, додавајќи дека тој не рекол дека вирусот бил ослободен намерно.
Неговото мислење се совпаѓа со другите претставници на администрацијата на Трамп, како што е поранешниот државен секретар Мајк Помпео, кој неодамна рече дека има „значителен број докази“ дека вирусот потекнува од лабораторијата, но не даде докази.
Шефот на Националниот институт за алергија и заразни болести, Ентони Фаучи, кој служеше во администрацијата на Трамп, а сега кај Бајден, рече дека повеќето службеници од јавното здравство не се согласуваат со „лабораториската теорија“, на прашање на брифингот во Белата куќа да коментираат за изјавата на Редфилд.
Повеќето веруваат дека вирусот циркулирал еден месец или повеќе пред да биде откриен во Кина и дека за тоа време можел да се прилагоди на поефикасно пренесување од човек на човек, рече Фаучи.
Наскоро се очекува извештај на Светската здравствена организација (СЗО) за истрага за потеклото на коронавирусот. Шефот на тимот експерти на СЗО во февруари рече дека лилјаците остануваат веројатно извор на коронавирусот и ја отфрли теоријата дека вирусот излегол од лабораторијата.