Несреќата се случила околу 19:40 часот, кога брз воз на компанијата Iryo, кој сообраќал на релација Малага – Мадрид и превезувал 317 патници, излетал од шините на влезните скретници во Адамус. Последните три вагони преминале на соседниот колосек, по кој во тој момент, со брзина од околу 200 километри на час, наидувал воз на Renfe, што сообраќал од Мадрид кон Хуелва.
Судирот предизвикал искочување од шините и на вториот воз, по што следела масовна интервенција на спасувачките служби. Во возот на Iryo се наоѓале околу 300 патници, додека во возот Alvia на Renfe патувале 184 лица.
Поради трагедијата, властите во Андалузија прогласија тридневна жалост, која ќе трае до четврток на полноќ. Реакции стигнаа и од европско ниво – претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен порача дека знамињата на Европската унија ќе бидат спуштени на половина копје во знак на почит кон жртвите.
Истрагата за причините за несреќата е во тек, а на терен постојано се присутни екипи на Guardia Civil и службите за итни интервенции.