Пораст на напуштени кучиња на гробиштата „Бутел“, Лајка најавува засилени контроли

од Nikola Popovski
12 прегледи

Јавното претпријатие ЛАЈКА алармира за сериозен пораст на случаи на напуштање на домашни кучиња во околината на градските гробишта Бутел. „Во последниот период, нашите теренски служби и граѓански пријави укажуваат на континуирано напуштање на кучиња од страна на неодговорни сопственици, кои од различни делови на градот ги доведуваат животните на оваа локација и ги оставаат“, велат оттаму.

Оваа појава, покрај тоа што претставува суровост кон животните, сериозно го нарушува и јавното здравје, безбедноста на граѓаните, како и функционирањето на објектите од јавен интерес на таа територија.

„Напуштените кучиња, често нестерилизирани, се размножуваат, гравитираат низ поширокото градско подрачје и го усложнуваат предизвикот на контрола на популацијата на бездомни животни.

ЈП ЛАЈКА апелира до граѓаните: Да не напуштаат животни – тоа е казниво дело согласно Законот за заштита и благосостојба на животните.

Да пријавуваат вакви случаи до надлежните институции, со можност за доставување видео или фото докази.

Да се информираат за можностите за вдомување, стерилизација и одговорно сопствеништво“, стои во соопштението.

Истовремено, ЈП ЛАЈКА во соработка со инспекциските служби најавува дека ќе ги засили контролите и ќе поднесе пријави против сите лица кои ќе бидат фатени во ваков прекршок.

„Одговорното сопствеништво започнува дома – секое животно заслужува грижа, а не да биде оставено на улица. Само со заедничка одговорност можеме да изградиме хумано и безбедно општество“, порачуваат од „Лајка“.