Поранешниот претседател на Украина Петро Порошенко изјави денеска дека членството на Украина во НАТО е главен предуслов за мир во Европа и светот и дека повлекувањето на руските војници од територијата на Украина не е доволно за почеток на мировните преговори.
Говорејќи на Меѓународниот безбедносен форум во Халифакс, Канада, тој рече дека Украина сака „да го замени безбедносниот штит на украинските вооружени сили со штитот од член 5 на НАТО“, кој се однесува на колективната одбрана, каде што напад врз една членка на Алијансата. се смета за напад врз сите сојузници.
– Нашата порака не е „Во ред, ајде да зборуваме за мир“, туку „Ја примаме Украина во НАТО“, што е предуслов за мир во Европа и мир во светот, изјави Порошенко за канадскиот весник „Глоуб енд мејл“, додавајќи дека „Не треба да му се верува на Путин“.
Руските ракетни напади оневозможија речиси половина од енергетскиот систем на Украина, а Порошенко верува дека снабдувањето со опрема за енергетска инфраструктура ќе биде исто толку важно како и снабдувањето со оружје, бидејќи Украина очекува пад на температурите во текот на следните четири месеци до пролетта.
Главна тема на Меѓународниот безбедносен форум во Халифакс е рускиот напад врз Украина, а дел од учесниците се американскиот министер за одбрана Лојд Остин, канадската министерка за одбрана Анита Ананд, како и највисоките воени лидери на земјите членки на НАТО и претставници на најголемите компании за производство на оружје.