Според документите објавени од Motorsport.com, германскиот производител на автомобили Porsche наводно ќе биде партнер со Red Bull.
Партнерството ќе овозможи Porsche да преземе 50 отсто од акциите во Red Bull Technology (RBT), што би требало да резултира со развој на погонска единица која ќе ги исполнува правилата за Ф1 мотор во 2026 година.
Во документите се споменува само RBT, но договорот треба да се прошири и на Ф1 бизнисот на Red Bull. Документите сугерираат дека Porsche и Red Bull планираат да излезат во јавност со нивното партнерство на 4 август.
Red Bull моментално користи мотори од Honda откако постигна договор за користење на моторите на јапонскиот производител до 2025 година. Honda ја напушти Ф1 на крајот од сезоната 2021 година, потсетува Motor1.
Во документите не се споменува Alpha Tauri, кој ќе остане под контрола на Red Bull. Сепак, веројатно е дека и сестринскиот тим на „биковите“ ќе добие мотори на Porsche.
Светскиот совет за моторни спортови на ФИА треба да ги објави новите прописи за моторот од 2026 година, кои Porsche и другите треба да ги знаат пред да започнат со развој. Додека отсуството на Honda му дозволува на Porsche да влезе, Honda, исто така, би можела да се врати во 2026 година.