Портпаролот на косовската Влада: Курти го чека извештајот – затоа не може да тврди дали инцидентот со Османи бил провокација

од Nikola Popovski
489 прегледи

Откако косовскиот премиер Албин Курти вчера во Скопје изјави дека инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи не го гледа како провокација од страна на македонските власти, портпаролот на косовската Влада Перпарим Криезиу им објаснил на новинарите дека Курти тоа го рекол затоа што сака да го причека деталниот извештај за случајот.

„Премиерот Курти чека официјален извештај, затоа не може однапред да каже дека тоа е провокација, бидејќи провокацијата е секогаш обмислена, односно намерна. Тоа доаѓа од истрагата, од која потоа произлегува извештајот што го чекаме“, рекол Криезиу.

Тој додал дека Курти во Скопје зборувал за фактите во врска со инцидентот со Османи на скопскиот аеродром.

„Тој зборуваше за фактите („грдото однесување“ и „прекршените правила“) кои се тешко и горчливо искуство за претседателката и нејзиното семејство, а не за мотивите и целите на таквото однесување, кои истрагата и извештајот треба да ни ги открие. Логично би било премиерот Курти тоа да го нарече провокација и да побара извештај. Премиерот сметаше дека инцидентот е веќе испровоциран, но извештајот треба целосно и детално да ја разјасни вистината“, истакнал Криезиу.

Мицкоски и Курти разговарале и за актуелните екстрадиции. За двајцата од случајот „Монструм“ и за косовскиот државјанин, член на УЧК уапсен на Блаце по распишана потерница од Србија. Случајот го разгледува Специјалното обвинителство на Косово, појасни Курти за обвинетите во „Монструм“. Министрите за правда ќе соработуваат околу овие случаи, но мора да се почитуваат Уставот и законите – заклучиле премиерите Мицкоски и Курти.

Слични содржини