Кремљ денеска објави дека суверено право на Украина е да одлучи дали ќе се приклучи на Европската унија и дека Москва нема намера да му диктира на Киев како да пристапи кон ова прашање.
Запрашан дали Украина може еден ден да се приклучи на Европската унија, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече: „Тоа е суверено право на секоја земја“.
„Зборуваме за интегративни и економски интегративни процеси. И овде, се разбира, никој не може ништо да диктира на ниту една земја и ние нема да го сториме тоа“, рече Песков.
Тој, сепак, додаде дека руската позиција е поинаква кога станува збор за влезот на Украина во воените сојузи.
„Постои сосема поинаков став, се разбира, за безбедносните прашања поврзани со одбранбените или воените сојузи“, рече портпаролот Песков.
Американските и руските претставници денеска се сретнаа во Ријад на разговори на највисоко ниво досега меѓу двајцата поранешни непријатели од Студената војна за ставање крај на војната во Украина.
Се очекува тие да разговараат за начините за ставање крај на тригодишниот конфликт во Украина и за обновување на американско-руските односи. Нивните разговори би можеле да го отворат патот за самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин.
Зеленски: Нема да прифатиме никакви договори без наше учество
Украина, која не присуствува, вели дека не може да се склучи мировен договор во нејзино име. „Ние, како суверена земја, едноставно нема да можеме да прифатиме никакви договори без нас“, рече претседателот Володимир Зеленски минатата недела.
На медиумите им беше дозволено да ги снимаат двете делегации пред да започнат разговорите.
Советникот на Путин за надворешна политика Јуриј Ушаков и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров седеа наспроти американскиот државен секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Валц и пратеникот на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф на полираната дрвена маса со три големи бели цветни аранжмани.
Европските влади, вознемирени од можноста Русија и САД да ги исклучат од преговорите што ќе ја одредат идната безбедност на континентот, побараа улога во мировните преговори.
Официјалните лица ги игнорираа новинарите кои прашуваа дали САД се на страната на Украинците и какви отстапки бара Вашингтон од Москва.