Сметам дека португалскиот предлог како основна рамка за идеите кои се разменуваат меѓу двете влади последните недели останува најдоброто решение за деблокирање на европската перспектива на Северна Македонија, па на регионот, изјави шефот на македонската дипломатија Бујар Османи за ТВ Телма, запрашан за тоа како ги коментира последните изјави на бугарскиот премиер Кирил Петков за евентуалното кревање на ветото за Македонија и промена на нашиот Устав пред отворањето на првото поглавје.
Петков денес во интервју за „Btv“ изјави дека гаранцијата за правата на Бугарите во Република Северна Македонија може да се обезбеди и преку европскиот процес.
-Во реалноста, ако ги ставиме во Европскиот договор на Република Северна Македонија, не само што Бугарија повеќе нема да ги брани овие права, туку договорот со Европската Унија ќе ја даде оваа гаранција за овие права. Значи, укинувањето на ветото, како што сите велат дали да се укине или не, е погрешен начин на размислување. Овде мора да бидеме јасни и да кажеме – PCM ќе биде во Европската Унија најрано за 10 години, појаснува Петков во интервјуто.
Османи, утре ќе престојува во работна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе има средба со државната министерка на Сојузна Република Германија надлежна за Европа, Ана Лирман.
Целта на посетата е да се реафирмира германската позиција во однос на нашето европско досие и поддршката во однос на итната потреба од деблокирање на пристапниот процес со ЕУ. Од Берлин, министерот Османи патува директно за Софија.