Португалија е во страшна фаза со пандемијата на коронавирус, рече премиерот Антонио Коста, предупредувајќи дека ќе требаат неколку недели за да се подобри состојбата и дека може да се очекува само ограничена помош од странство.
Со потврдени вкупно 668.951 случаи и 11.305 смртни случаи, вклучително и рекордни 293 во средата, Португалија има највисок просек во последните седум дена на нови инфекции и смртни случаи на милион жители во светот.
„Ситуацијата не е лоша, туку е ужасна“, изјави Коста за ТВИ.
„Нема смисла да се храни илузијата дека не се соочуваме со најлошиот момент. И ќе се соочиме со него уште неколку недели, тоа е сигурно“, додаде тој.
Повеќе од 20 амбулантни возила во средата чекаа пред најголемата португалска болница за да бидат испразнети креветите. Лекарите од другите болници предупредуваат на ризик од колапс на системот за снабдување со кислород.
Коста нагласи дека ситуацијата делумно се влошила затоа што неговата влада ги намали ограничувачките мерки помеѓу Божиќ и Нова година, но и поради новиот вид на вирусот, најпрво откриен во Велика Британија, кој сега се проширил низ целата земја.
„Секако имаше грешки: честопати тоа беше начинот на кој им ја испраќав пораката на Португалеците. Кога примачот не ја разбира пораката, тогаш за тоа е виновен за гласникот, не се сомневам во тоа“, рече тој.
Странска помош
Германија во средата објави дека испраќа воени медицински експерти во Португалија за да утврдат каква помош и треба.
Коста предупреди дека Германија и другите европски партнери не можат да сторат многу и истакна дека „треба да се биде внимателен“ во врска со идејата за испраќање пациенти во други земји.
„За земја со географска положба како Португалија, помеѓу Атлантикот и Шпанија е различно отколку за земјите што се во срцето на Европа и граничат со неколку земји, така што прекуграничната соработка е почеста и полесна.
За германската помош, Коста рече дека Германците немаат доволно од потребите на Португалија, особено лекарите и медицинските сестри.
„Тие имаат респиратори, но не ни требаат сега затоа што имаме доволно“, заклучува португалскиот премиер.