Балканската истражувачка репортерска мрежа, БИРН, денеска ја промовираше базата на податоци за доделените владини субвенции, во периодот од 2010 до 2014 година, во растителното и сточарското производство.

Базата се потпира на документите добиени од Агенција за поддршка на земјоделството и руралниот развој. Предмет на истражувањето се субвенциите кои се исплатени во рамките на Мерка 1 – Директни плаќања за растително производство и Мерка 2 – Директни плаќања за сточарско производство и кои изнесуваат нешто повеќе од 446 милиони евра за период од пет години. Од тоа над 296 милиони евра се исплатени за поддршка на растително, додека 150 милиони евра се исплатени за поддршка на сточарското производство.
Поголемиот дел од средствата, односно 83% од вкупниот буџет доделен за субвенции во период 2010-2014 година е исплатен на физички лица, или нешто повеќе од 370 милиони евра. Учеството на правните лица во буџетот за субвенции на овие две мерки е 17% или околу 75,7 милиони евра.
Во оваа база на податоци се евидентирани 2.480 правни субјекти, корисници на субвенции во периодот од 2010-2014 година и вкупно 53 мерки за поддршка, односно субвенции.
Базата нуди детален преглед за сите правни субјекти и субвенции, како и посебен сумарен преглед за сите субвенции доделени на физичките лица како посебна категорија.
Базата на податоци е достапна на следниов линк: www.subvencii.prizma.mk
Во продолжение дел од текстот „Посеани субвенции од 450 милиони евра, а жетвата никако да нè нахрани“, на Призма со објаснување за истражувањето и базата:
По повеќе од една година лутање низ административните лавиринти, БИРН дојде до податоци што откриваат колку пари државата троши на субвенции, каде одат тие средства и како се трошат.
„Од утре почнува исплатата на лозарите“, „Исплатени се тутунарите во Прилепско“, „Доцнат парите за субвенциите“. Ова се насловите кои со години ги слуша македонската јавност кога е во прашање поддршка на земјоделството со пари од буџетот.
Професори, бизнисмени, политичари, многу пати ја критикуваа или ја поддржуваа оваа најскапа аграрна политика на Владата, но, досега немаше пресметка која би покажала поцелосна слика. Вината за тоа лежи во нетранспарентноста на надлежната Агенција за поддршка на земјоделството и руралниот развој. Иако треба, таа не објавува сумирани податоци.
Наместо тоа, до неодамна постоеја само поединечни соопштенија. Стотици, па можеби и илјадници годишно, кои практично и не можеа да се искористат за анализирање на податоците.
Програма за финансиска поддршка во земјоделството за 2014 година на Влада на РМ
Сепак, БИРН успеа во намерата да понуди една речиси целосна пресметка – колку, кога, за што и кому се исплаќани овие суми. Велиме речиси, бидејќи нашиот биланс се однесува на мерката 1 (сточарско производство) и на мерката 2 (растително производство) од годишната програма за поддршка, преку кои се делат околу 96% од парите.
Резултатот е: нешто повеќе од 446 милиони евра исплатени за поддршка на растителното и на сточарското производство во пет години, од 2010 заклучно со 2014 година.
Танталови маки за основни информации
Правно- формално, парите за земјоделски субвенции се исплаќаат врз основа на решение. Со други зборови, секој кој ги исполнува условите пропишани во годишната програма, поднесува барање. Владината Агенција проверува дали е сè во ред со документацијата и во некои случаи контролира и на терен.
Генерално, барателот пред сè треба да биде регистриран во единствениот регистар на земјоделски стопанства. Таму ги има неговите лични податоци, но и доказ за сопственост на земјиште или договор за закуп. Понатаму, услов за сите е да нема долгови за вода или за закупнина или пак, да има доказ дека стоката е регистрирана со соодветни ветеринарски проверки. Се разбира, потребен е и писмен доказ дека ја одгледува културата или стоката за кое бара државна помош.
Ако сè е во ред, Агенцијата носи решение и на одреден датум парите се исплаќаат на земјоделецот или на компанијата.
Такви решенија за исплата, за периодот од 2010 до 2014, има над 830.000. До овој податок, но и до други детали за секое поединечно решение, дојдовме користејќи го Законот за пристап до информации од јавен карактер. Целиот процес почна со првите барања на крајот од 2014 година. Првично, Агенцијата нè одби.
Но, не се откажавме и се пожаливме до надлежната Комисија за заштита на правото за пристап до информации од јавен карактер. На крај ги добивме податоците како што ги баравме. Во табели, поделени по години и по намена за која се исплаќале парите.
Почетните анализи покажаа дека оваа голема база на податоци носи и големи приказни со себе. Следеа прецизни анализи, програмирање, пишување, вкрстено споредување, проверување, надополнување, за конечно после година и половина ова истражување и база да бидат подготвени за јавноста.
Повеќе на следниот линк.
