„Крајно тенденционо и несериозно е органирањето на протест од страна на еден од Синдикатот на вработените во Пошта на Северна Македонија, во услови кога за сите вработени платата е веќе обезбедена“, велат од „Македонска пошта“ преку соопштение по денешниот протест на вработените.
Веруваат дека протестот е политички мотивиран, а вработените се изманипулирани со што се нарушува нормалното функционирање на претпријатието.
„Би сакале да потенцираме дека Синдикатот е навремено информиран, уште еднаш потенцираме “навремено информиран” дека проблемот е решен и дека за сите вработени има обезбедено плата. Но со разочарување мораме да констатираме дека вработените се злоупотребени од одредени политички структури кои тенденциозно се обидуваат да го нарушат работењето на Пошта на Северна Македонија.
Би сакале да Ве информираме дека сме во постојана комуникација и координација со Владата и со заедничка соработка, во континуитет ги наминуваме сите проблеми кои настануваат во тековното работење.
Залагајќи се за разрешување на сите настанати состојби, упатуваме апел до сите синдикални организации да се вклучат во решавањето на сите предизвици кои се соочува нашето претпријатие, без да бидат провоцирани и манипулирани.
Уште еднаш потенцираме дека Пошта на Северна Македонија работи со полн капацитет, а во наредниот период ќе работиме на подигнување на ефикасноста на Пошта на Северна Македонија и услугите кон сите комитенти“, стои во соопштението од ЈП.
По бојкотот на работата во ноември поради задоцнетата исплата на платите, вработените во АД „Македонска пошта“ денеска (23 јануари) протестираа низ целата државата. Пробивањето на рокот за исплата и на последната плата го зголеми револтот кај нив и најавија можен штрајк.
Претседателот на Синдикалната организација на „Пошта“, Сашо Димитриевски најави дека доколку до средината на следниот месец повторно им доцни платата тие ќе застанат со работа, за што ќе го известат и Управниот одбор.
Протест во „Пошта“ – 1.700 вработени немаат земено плата, 60% се на минималец