Авиоиндустријата е во најлошата криза од пандемијата, предупредуваат водечките луѓе во индустријата, бидејќи војната на Блискиот Исток ги парализира летовите, ја уништува вредноста на компаниите и ги зголемува цените на горивата на рекордно ниво.
Додека конфликтот влегува во четвртата недела, авиокомпаниите најавуваат неизбежно зголемување на цените на билетите, бидејќи повеќе не можат да го апсорбираат ненадејното зголемување на трошоците, објавуваат медиумите.
„Горивото значително поскапи од инвазијата на Украина во 2022 година, но ова отиде уште подалеку“, вели извршниот директор на „ЕasyJet“, Кентон Џарвис, предупредувајќи дека ова е најтешкиот удар за индустријата од 2020 година. Шефот на „Lufthansa“, Карстен Спор, го вели истото: „Нашиот просечен профит по патник е околу 10 евра. Нема начин да ги апсорбираме овие трошоци“, што практично потврдува дека поскапите билети се неизбежни.
Инвеститорите веќе реагираа – пазарната вредност на најголемите авиокомпании во светот падна за повеќе од 50 милијарди долари, додека сè повеќе се инвестира во облози за понатамошен пад на акциите. Блискоисточните превозници како што се „Емирати“, „Етихад“ и „Катар“ се особено погодени, бидејќи мораа да ги намалат летовите поради затворен воздушен простор и колапс на туризмот.
Кризата се прелева во товарниот транспорт и снабдувањето, а некои компании веќе размислуваат за намалување на линиите и кризни планови поради можен недостиг на гориво. Сепак, во индустријата постои и надеж дека пазарот би можел брзо да се опорави откако ќе заврши конфликтот, иако нема индикации дека тоа ќе се случи наскоро.