После повеќе од 50 години, Крива Паланка, денеска добива нов, модерен Градски Плоштад, нов заштитен знак на мојот роден град, објавија од прес-службата на Владата, откако денеска заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски и претставници од Проектот за локална и регионална конкурентност, во Крива Паланка го пуштија во употреба новиот градски плоштад и градски парк.
Според објавеното, овој плоштад му дава европски лик на градот и ќе биде место каде што не само жителите на Крива Паланка, туку и домашните и странските посетители ќе имаат можност за прошетки.
-Крива Паланка се гради и се развива во секој поглед, со единствена цел – жителите да имаат достојни услови за живот, место во кое ќе реализираат сопствен животен развој, град во кој младите ќе сакаат да живеат и да работат, изјави вицепремиерот Николовски.
Вицепремиерот Битиќи, истакна дека со реализација на потпроектот кој денеска се промовира во Крива Паланка наречен „Источна порта кон Европа (Фестивалска туристичка дестинација)“, градот ќе биде уште поубав и поинтересен за посетителите.