Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати од народниот митинг одржан во Општина Богданци, во рамки на изборната кампања 2025 која е под слоганот ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, за претстојните локални избори закажани на 19 октомври. Мицкоски зборуваше на темата за судството и обвинителството во земјава. Според него, луѓето кои ги направија предавствата на државата, кои менуваа име и Устав, и кои изнесуваа милиони надовр од неа, повторно се обидуваат да го лажат народот, а нивната лагодност е во тоа што знаат дека имаат чувари во судството и обвинителството, и притоа лидерот на СДСМ се изјаснува во јавноста дека 2% доверба на граѓаните во судството за него е професионално. Тој додаде дека после локалните избори, потребен е ресет на системот.
-И кога ќе ме запрашаат од каде почнавте да работите овие 15 месеци како Влада, одговорот е тежок, затоа што велиме дека започнавме од самите темели. Толку тие беа разрушени, разјадени и ослабени што, по три децении независност и седум години катастрофално владеење, моравме повторно да почнеме од темелите на Македонија, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека кај истите луѓе кои ја распродаваа историјата на државата, менуваа Устав и изнесуваа милиони надвор од неа, има отсуство на срам и според него, покажува дека го потценуваат народот, а и повторно се обидуваат да го излажат.
Мицкоски нагласи дека после локалните избори годинава, на државата и е потребен целосен ресет, и само на тој начин ќе обезбеди иднина и како што рече по овие избори лично ќе се позанимава со правдата која за сите оние што се огрешиле е недостижна.
-И тоа мора да се смени, затоа што на Македонија повеќе од сè досега ѝ треба ресет на системот и не само во судството и обвинителството, туку ресет и во секоја пора од општеството. Ресет на вредностите кои ги газат и на сфаќањата кои мораат да ги променат. И само така сите ние, заедно, ќе обезбедиме иднина каква заслужуваме, целосно свесни дека ова е најважната битка на нашата генерација, која мораме да ја победи, заклучи премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ