Од Министерството за здравство информираат дека Комисијата дополнително ќе одлучува за нови рестрикции на состанок во понеделник за, како што велат, да се даде време и да се види дали мерките што се веќе во сила даваат резултат.
Нема нова препорака за дополнителни рестриктивни мерки за спречување на ширењето на ковид-19, велат од Министерството за здравство.
Ова било одлучено на состанокот на министерот за здравство Венко Филипче со претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски и д-р Сузана Маневска, кои телефонски се консултирале со останатите членови на Комисијата.
„Комисијата ја следи епидемиолошката ситуација и доколку е потребно после викендот ќе препорача дополнителни рестриктивни мерки, како целосно затворање на некои економски оператори и ограничување на движењето, дали во текот на едно деноноќие, во попладневните часови или за време на викенд“,се вели во соопштението.
Како што денеска посочи министерот за здравство, мерките што се во сила, доколку доследно се почитуваат, би дале резултати исто како што би дал и полицискиот час.
Пет болнички возила од арм се ставени на располагање на здравствените работници во борбата против пандемијата на коронавирусот. Претходно и поранешни професионални војници од АРМ се вклучија во борбата со ковид 19
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 42540, бројката на оздравени пациенти е 25353 на починати е 1212, а бројот на активни случаи изнесува 15975.