Нови катни гаражи, паркови, градинки, киносали, игралишта, зеленило…се дел од ветувањата на партиите кои во изминативе денови ги слушавме на митинзите кои се организираа низ градовиве ширум земјава.
Денес е последен ден од предизборната кампања за Локалните избори на 17 октомври, партиите ќе ги продолжат активностите со средби со граѓаните ветувајќи, како што велат на своите митинзи издржани.
На последниот ден од кампањата за Локалните избори 2021 караванот „Најдоброто за мојата општина” на коалицијата предводена од СДСМ ќе одржи предизборни собори во Арачиново, Велес и Куманово.
Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја претстави изборната кампања „Создади нова иднина!” во Карбинци, Лозово, Свети Николе и во Штип, а прес-конференција ќе одржи и независниот кандидат за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, која е поддржана од оваа коалиција.
Левица ќе има „завршна дружба” со избирачите во Градскиот парк во Скопје, а средба со граѓаните во скопската општина Центар ќе има и Движењето „Одлучно за промени” предводено од Зелената партија ДОМ и ЛДП.
Демократската Унија за Интеграција денеска ќе ја заврши изборната кампања таму каде што и ја започна, со собир во Гостивар.
Движењето Беса ќе има изборни активности во Тетово, а прес-конференции ќе одржат и кандидатот за градоначалник на Град Скопје на Твоја партија, Александар Тортевски и носителката на листата на кандидати за советници на НВО „Зелен Хуман Град” за Скопје, Драгана Велковска.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги известува радиодифузерите дека од 16 октомври, заклучно со 19:00 часот на 17 октомври, важат правилата за изборен молк.
За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања, потенцираат од АВМУ.