Најчесто се јавуваат грчеви, осип и иритација на кожата.
Последици од високите температури, како што се грчеви, се исто така најчести, вели д-р Џудит Линден, потпретседател на одделот за итна медицина во Бостонскиот медицински центар и професор по ургентна медицина.
Грчеви може да се појават кај луѓе кои многу се потат, вклучително и за време на физичка активност. Силното потење троши многу сол и течност од телото, што може да доведе до болки и грчеви во мускулите, најчесто во стомакот, рацете или нозете, соопшти Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), пишува Си-Ен-Ен.
Топлината може да предизвика и осип на телото. Иритацијата на кожата е предизвикана од силно потење кога температурите се високи на топло и влажно време, а осипот е најчест кај децата, наведуваат од ЦДЦ. Најчесто тоа е црвенило и пликови на места како што се вратот, горниот дел од торзото или внатрешноста на лактот.
Кога нашето тело повеќе не може ефективно да се лади, може да дојде до топлотна исцрпеност.
„Во овој случај ќе има многу потење, бидејќи телото вложува големи напори да се обиде да го исфрли вишокот топлина. Ќе чувствувате вртоглавица, можеби гадење и главоболка, а често кожата станува бледа и леплива. Срцевиот ритам е зголемен“, објаснува д-р Линден, додавајќи дека тоа е последен обид на телото да се олади пред да ја премине границата на безбедност.
Топлотниот удар е најсериозната последица предизвикана од топлината и може да доведе до смрт доколку не се лекува.
„Топлинскиот удар се јавува кога температурата на вашето тело ќе надмине 40 степени, а механизмите за ладење на телото не успеваат“, објаснува д-р Линден.
Предупредувачките знаци вклучуваат особено висока телесна температура, црвена и сува кожа, забрзан пулс, главоболка, вртоглавица, гадење и губење на свеста, наведе ЦДЦ.
Симптомите на топлотен удар вклучуваат конфузија и вознемиреност, додава д-р Линден.
„Кога некој ќе се збуни или вознемири на топлина, тоа треба да се третира како симптоми на топлотен удар. Мора да ја повикате итната помош или да најдете помош без одлагање и да го тргнете лицето од топлината“, советува таа.