Последниот воз на Лампард? Оди во Чемпионшип…

од Vladimir Zorba
9 прегледи

Френк Лампард е на прагот да биде назначен за нов менаџер на Ковентри Сити. Тој ќе го замени отпуштениот Марк Робинс, кој го предводеше клубот до финалето на плеј-офот во Чемпионшип и полуфиналето на ФА Купот.

Како што пренесува Sky Sports, договорот меѓу двете страни е постигнат и останува само да се договорат уште неколку детали. Се претпоставува дека Лампард ќе донесе голем број свои луѓе и ќе направи радикални промени во стручниот штаб.

Доколку ја добие работата, легендата на Челси ќе има тешка задача да го пополни Робинс, судејќи според статусот што го има поранешниот тренер меѓу приврзаниците на „небесносините“.

Сопственикот на Ковентри, Даг Кинг е недвосмислен дека целта сезонава му е влез во Премиер лигата.

Јавноста на Островот е изненадена од сериозната кандидатура на Лампард за оваа работа, најмногу поради тоа што 46-годишникот бележеше исклучително лоши резултати во претходните неколку ангажмани. Во Британија има чувство дека ова може да му биде последна шанса да се наметне како менаџер кој има квалитет да стигне до врвот.

Постапката на Ковентри ја разбира поранешниот играч на Арсенал, Пол Мерсон.

„Откако го отпуштија Робинс, тие мора да донесат големо име. Ако го доведат Лампард, сите ќе зборуваат за Ковентри за неколку недели. Погледнете го Плимут, зборуваме за нив затоа што тренер им е Вејн Руни“.

Легендата на Лидс, Алан Смит го бранеше Лампард.

„Помина низ тешки времиња и се соочи со огромни предизвици. Можеби жали што го презеде Челси по втор пат, но разбирам дека е многу тешко да се одбие поранешен клуб. Важно е менаџерите да бидат на вистинското место во вистинско време, а Френк навистина немаше среќа досега. Тој очајно сака да биде успешен во својот бизнис, но ова можеби е неговиот последен воз“.

Френк Лампард е без клуб во последните 18 месеци, откако го заврши вториот мандат во Челси.

Слични содржини