Последно предупредување на Ангела Меркел

од Stefanija Kuzmanovska
297 прегледи

Германската канцеларка Ангела Меркел побара од германските сојузни држави да ги интензивираат напорите за сузбивање на нови случаи на коронавирус, споменувајќи полициски час.

„Ние ја имаме потребната кочница… за жал, таа не се почитува насекаде. Се надевам дека можеби ќе дојде до размислување за ова“, рече Меркел во реткото појавување во ток-шоу на германската телевизија АРД, пренесува „Ројтерс“.

Меркел и регионалните лидери на почетокот на март се согласија да го запрат постепеното отворање на економијата штом бројот на инфекции на 100.000 луѓе за седум дена е поголем од 100. Во неделата, инциденцата на вирусот на 100.000 се искачи на 130 од 104 пред една недела.

Вкупниот број на потврдени случаи на коронавирус во Германија се зголеми за 17.176 на 2.772.401, според последните податоци на институтот „Роберт Кох“, а бројот на жртвите се зголеми за 90 на 75.870.

Меркел рече дека ако државите не започнат да спроведуваат мерки со соодветна сериозност во „многу блиска иднина“, ќе мора да размисли какви чекори може да се преземат на национална основа.

Една од можностите би била измена на Законот за заштита на инфекции за да се утврди што треба да се направи во одредени сценарија, рече Меркел, додавајќи дека сојузната влада и државите се должни да ја контролираат инфекцијата.

Меркел рече дека не е убедена дека досега се преземени доволно мерки за да се стави крај на третиот бран на пандемијата.

„Кои дополнителни мерки ни се потребни? … Треба да сториме повеќе. Имаме можност за ограничување на излегувањата, дополнителни ограничувања на контактите, понатамошно носење маски … плус стратегии за тестирање на сите места“, истакна Меркел.

Слични содржини