Последното оружје на Кина во трговската војна – сојата

од Марта Пешевска
164 прегледи

Последното оружје на Кина во трговската војна – сојата

Последното пропагандно оружје на Кина против Доналд Трамп е мало и кружно. „Здраво на сите. Јас сум соја. Јас изгледам многу мала, но сум многу важна“, вели жолтиот стрип херој „Соја“ во кратко видео на англиски јазик, кое беше претставено во сајтот на кинеската радиостаница CGTN минатиот петок. Видеото е наменето за американските земјоделци: главни гласачи на Трамп, кои се жртви на трговскиот спор меѓу Кина и Америка. Тие прво треба да го разберат следното: „Кина купува 62% од извозот на соја! Тие ќе изгубат барем толку, колку и ние!“

Видеото е дел од новата стратегија за односи со јавност на Пекинг: Не дејствувајте жестоко, како претходно, туку направете раздор кај противникот. Во јуни, кинескиот претседател избра јасни зборови: „Во нашата култура ние враќаме на ударот со удар“, изјавил Си Џинпин според Wall Street Journal за време на состанокот со западни менаџери. На првиот круг од американските царина за стоки во вредност од 34 милијарди долари, Кина веднаш возврати со давачки во истиот обем. Оттогаш државните медиуми се неочекувано смирени, пишува германски „Die Zeit“.

Кога Трамп во петокот објави дека може да го оданочи целиот кинески увоз, проценет на 500 милијарди американски долари, во државните медиуми на Кина можеше да се прочита … ништо. Зборот „трговска војна“ не се појавува во многу наслови. Печатот се воздржува од предметот. Лични напади против Трамп се табу. Ова е напишано во спотови за владината пропаганда, кои станаа јавни.

„Раководството забележа дека не победува со агресивниот пристап“, вели Јерг Вутке, поранешен претседател на Европската стопанска комора во Пекинг. Ху Синду, еден од ретките кинески економисти, кој отворено дискутира за трговскиот спор, вели: „Трамп добива поддршка дома, но имиџот на Кина настрада и ситуацијата е непријатна за владата“.

Се чинеше дека долго време Си Џинпин ги смета борбените крикови на Трамп за блеф. По првата средба на двајцата во Флорида, американскиот претседател проговори за „голема хемија“ меѓу него и кинескиот претседател, неговата ќерка Иванка доби лиценци за бизнис во Кина, а инвеститорите во Пекинг го поздравија семејството на зетот на Трамп.

Ако сепак поради трговската војна Кина влезе во економска криза, на Си му се заканува да ја загуби власта дома: кинескиот претседател, кој сака да се фали дека е гениј на дипломатијата, може да изгледа како аматер, кој прокоцкал сѐ на масата за покер. „Око за око, заб за заб“ нема да функционира: Кина извезува три пати повеќе стоки во САД отколку што увезува од Америка.

Непосредни штети од давачките се ограничени. Ако на крајот на август Трамп наметне царина за стоки за уште 200 милијарди долари, тоа може да го „сопне“ кинескиот економски раст и оваа година да покаже само 0,3 процентни поени, сметаат аналитичарите од меѓународни банки. Кина повеќе не зависи од извозот како што беше порано. Поопасни се психолошките последици од таквата пречка во трговијата: кинеската економија доживува и без тоа тешки денови.

Од јануари, главните берзански индекси во просек паднаа за повеќе од 20%. Растот се забави до 6,7% во вториот квартал (6,9% во четвртиот квартал од минатата година), што беше планирана цел на централната влада, која ги скратува државните инвестиции од 2017 година. Таа има намера да исплати огромни долгови на јавните буџети. Големи проекти како што се „Новиот Пат на Свилата“, се забавуваат.

И навикнатата на успеси во последно време технолошка индустрија исто така се бори со низа проблеми: фондовите за ризичен капитал во просперитетниот регион Шенжен собрале за до 50% помалку инвестиции во првиот квартал на годината, отколку во 2017 година, посочува инвестициската консултантска фирма Zero2IPO. Производителот на електроника Xiaomi доби при своето деби на берзата во Хонг Конг само половина од целните 100 милијарди долари.

Па така што може да преземе Пекинг?

1. Оданочување на кинеските услуги

Милиони Кинези патуваат секоја година во САД, користат американски софтвер и бараат совети од адвокатските фирми во САД. Кина би можел да наметне казнени царини за услугите, за да се компензира овој вишок од 40 милијарди долари. Практичната корист би била сомнителна. Многу Кинези имаат семејства и пријатели во САД, стотици илјади учат во американски универзитети. Да се ​​казнат правните и финансиските услуги – во тоа исто така нема смисла, вели економистот Ху Синду: „Многу кинески компании не можат да дејствуваат на меѓународно ниво без соработката со големи американски сметководствени фирми“.

2. Да продава доларски резерви 

Кина држи американски државни обврзници за 1,2 трилиони долари. Ако Пекинг ги продаде резервите, притисокот врз каматата во Америка ќе се зголеми. Тоа претставува сигурна закана за САД. Оваа моќ сепак е ограничена на еден начин или на друг. Иако Кина е најголемиот кредитор на САД, кинескиот удел од вкупниот долг на Америка е релативно низок – седум проценти. Во прилог, Пекинг има потреба од доларите: како инвестиција и за да се заштити од инфлацијата на јуанот.

3. Да го ​​намали извозот на „ретките земни маси“

Кина добива повеќе од 80% од т.н. „ретки земни маси“. Овие специјални суровини се незаменливи за мобилни телефони, хард дискови, батерии и ласери. Ако Кина го намали извозот за САД, производителите на оружје или производителите на технологија за здравствениот сектор би можеле да бидат сериозно погодени. Но, со каква цел? „Трамп сака да го ограничи нашиот извоз и ние дури и ќе помогнеме за тоа?“, Вели Ју Миао Жи, заменик-директор на Центарот за економски истражувања на Универзитетот во Пекинг.

4. Бојкотот на американските стоки

Секогаш популарна алатка во кинеската трговска војна: повик за бојкот кон народот. Таков беше случајот од 2012 година во спорот со Јапонија за островите Диао и во 2017 година во конфликтот со Јужна Кореја за американскиот систем за противракетна одбрана. Според голем број истражувања на јавното мислење, повеќето Кинези се подготвени да ги бојкотираат американските производи. Сепак, обемот на бизнисот на американските компании во Кина го надминува неколку кратно оној на јапонските или јужнокорејските компании. А концерни како Apple или McDonald’s создаваат стотици илјади работни места во Кина, а и локалните добавувачи и деловни партнери, исто така би настрадале.

5. Зајакнување на бирократијата за американските компании

Кинеските цариници неодамна запленија контејнер со американски цреши за една недела, додека црешите не скапаа. Автомобилските увозници објавијаа за произволна гранична контрола. Кинеските власти можат во иднина да продолжат лиценцните процедури за американски компании и да ги усложнат компаниските спојувања, како што се случи меѓу американскиот производител на полупроводници Qualcomm и холандскиот производител на чипови NXP. Кинезите имаат збор за оваа зделка, бидејќи и двете компании работат во гигантската сземја. На долг рок, сепак тоа би го влошил имиџот на Кина како протекционистички диктатор.

6. Да го испрати курсот на јуанот надолу

Може ли Кина да започне валутна војна како заштитна мерка? Минатиот петок Доналд Трамп ја обвини Кина на Twitter дека лидерите оставиле јуанот да паѓа „како камен“. Од април наваму, јуанот загуби 7% од вредноста во однос на доларот. Делумно тоа се должи на неизвесноста на пазарите, но и на интервенција на централната банка во почетокот на трговската војна. Ефектот секако е сложен. На краток рок, поевтиниот јуан ќе го поддржи извозот на Кина, и на тој начин произведените таму производи ќе бидат поевтини во странство. Во исто време, сепак, цените на увозните суровини и високо-технолошки производи ќе се зголемуваат, а тие претставуваат полупроизвод за многу извозни стоки. Другите азиски држави би можеле да ја користат Кина како пример и да се обидат да ги турнат валутите надолу, а така ќе се зголеми опасноста за криза во Азија.

Заклучок:

Со исклучок на 5-тата варијанта никој од потезите нема да биде ефикасен и дури би довел до удар врз самата Кина. Затоа Си Зинпин веројатно ќе сака да избегне ескалација на конфликтот и да чека Американците да се вратат на преговарачка маса. Можеби под притисок на гласачите, кои наскоро ќе ја почувствуваат трговската војна по сопствените џебови.