ПОСТАПУВАЛ ПРОТИВ ХРВАТСКИОТ УСТАВ: Милановиќ дури и да поднесе оставка не може да биде мандатар или премиер

од Симе Стоиков
169 прегледи

Уставниот суд на Хрватска денеска одлучи дека претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, со своите изјави и однесување, односно со учество во кампањата без оставка од претседателската функција, се стави во ситуација да не може да биде мандатар за составот на идната влада, како и премиер.

Претседателот на Уставниот суд Мирослав Шепаровиќ изјави дека Милановиќ, за разлика од Социјалдемократската партија на Хрватска (СДП), го прекршил предупредувањето на Уставниот суд од 18 март и повторувал дека во кампањата е како иден премиер, пренесува Хина.

Со ваквите изјави и постапки Милановиќ се стави во позиција на учесник на парламентарните избори, што не може да биде според неговата уставна позиција додека е претседател на Хрватска, заклучи Уставниот суд.

Судот додаде дека уставната позиција на претседателот на Хрватска е неспоива со функцијата учесник на изборите за хрватскиот Сабор.

Милановиќ, како што беше посочено, не може да биде мандатар или премиер дури и да поднесе оставка од функцијата претседател.

Во текот на целата изборна кампања Милановиќ постапуваше спротивно на Уставот и го доведе во прашање владеењето на правото и демократскиот повеќепартиски систем како највисоки вредности на Уставот, заклучува Уставниот суд.За оваа одлука гласаа девет судии, тројца беа против, а еден член на Уставниот суд беше отсутен.

„Затоа, тргнувајќи од своите уставни овластувања во процесот на надзор над уставноста и законитоста на изборите, како и неговите општи овластувања за надзор како чувар на Уставот, Уставниот суд утврдува дека претседателот на Хрватска со своите изјави и однесување, согласно предупредувањето од 18 март 2024 година, не поднесе оставка од функцијата Претседател на Републиката, се доведе во позиција да не може да биде ниту мандатар за состав на идната влада, ниту премиер“, се вели во одлуката на Уставниот суд.

Слични содржини