Министерството за финансии на Србија соопшти дека на влезната страна на граничниот премин Прешево-Табановце е поставена табла „Отворен Балкан“ со кој се означува лентата наменета за превозници на компании од Србија, Северна Македонија и Албанија со статус „овластен стопански субјект“.
Министерот за финансии на Србија, Синиша Мали рече дека иницијативата Отворен Балкан има за цел значително да го забрза протокот на стоки и услуги, да создаде единствен пазар на труд и подобри деловни услови за компаниите, се додава во соопштението.
-Камионите не мора да чекаат со часови на границите, туку сите потребни процедури се спроведуваат брзо и ефикасно. На овој начин го слушаме гласот на економијата и влијаеме на натамошното подобрување на економското опкружување во Србија, додаде Мали.
Мали потсети дека Отворен Балкан е од големо значење за зајакнување на регионалната соработка и зајакнување на нашите економии и потсети дека во рамките на споменатата иницијатива се потпишани договори кои освен за олеснување на трговијата треба да придонесат и за соработка во областа на храната, фитосанитарната и ветеринарната инспекција.
-Потпишан е договор кој ќе овозможи воведување единствена работна дозвола меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија, рече Мали.