Катар и Франција постигнаа договор со Израел и палестинската исламистичка група Хамас за итна испорака на лекови на околу 45 израелски заложници кои ги држи Хамас во Газа во замена за испорака на хуманитарна и медицинска помош за најранливите палестински цивили.
Како што јави „Ројтерс“, денеска помошта од Катар ќе биде пренесена во Египет, од каде преку граничниот премин Рафах ќе биде доставена во Газа.
Портпаролот на катарското министерство за надворешни работи, Мајед Ал Ансари, рече дека договорот значи дека „лековите, заедно со останатата хуманитарна помош, ќе бидат доставени до цивилите во Појасот Газа, во најранливите области, во замена за испорака на лекови потребни за Израелците заробени во Газа“, но тој не прецизираше колкава и каква конкретна помош ќе биде доставена до цивилите.