Лидерите на четири бугарски партии вечерва информираа дека постигнале договор за формирање нова влада, со што ќе стави крај на повеќемесечната политичка криза во земјата.
Договорот за владејачката коалиција е резултат на долги преговори, кои започнаа по парламентарните избори на 14 ноември, трети годинава.
Владата ќе се состои од нова центристичка партија, „Продолжуваме со промената“, создадена на бранот масовни демонстрации против корупцијата, потоа Бугарската социјалистичка партија, новата популистичка партија „Има такви луѓе“ и либералниот предизборен сојуз „Демократска Бугарија“.
Четирите политички опции заедно имаат 134 од 240 места во парламентот, кој во понеделник ќе гласа за избор на нова влада, прва во полн капацитет од април.
Според коалицискиот договор, копретседателот на партијата „Продолжуваме со промените“, Кирил Петков (41) ќе биде кандидат на коалицијата за премиер.
Неговата задача ќе биде да ја извлече најсиромашната членка на Европската унија од тешката здравствена и економска криза.
И Петков и вториот копретседател на неговата партија, Асен Василев (44), министер за економија и финансии во претходната преодна влада, ја добија довербата на граѓаните преку низа антикорупциски акции и ветувања дека ќе се справат со злоупотребата на државните средства.
Двајцата политичари, образовани на Харвард во САД, сакаат новата влада да се фокусира на транспарентноста, нулта толеранција за корупцијата и реформите во клучните сектори.
За време на коалициските преговори беше потврдено дека надворешната политика на Бугарија, членка на НАТО, ќе остане непроменета.
Бугарија нема влада во полн капацитет од првите избори во април годинава, на кои беше поразена партијата ГЕРБ на долгогодишниот премиер Бојко Борисов.
По тие избори, како и по јулските, партиите не успеаја да постигнат договор за формирање влада.
Бугарија, земја со седум милиони жители, е една од земјите со најбрзо опаѓање, со најголема нееднаквост во платите од сите членки на ЕУ и најниска стапка на вакцинација против коронавирус во блокот од 27 нации.
Фото: BGNES