Постигнат компромис за матурата: Ќе се полагаат два екстерни и два интерни испити

од Nikola Popovski
299 прегледи

За Министерството за образование и наука прифатливо е компромисното решение за начинот на полагање на државната матура коешто го прифати и Сојузот на средношколци. Еден екстерен испит помалку на државната матура, односно да се полагаат само два екстерни и два интерни испити, е предлогот што го прифати и Сојузот на средношколци по нивното Генерално собрание кое се одржа вчера.

Матурантите изминативе месеци бараа да полагаат скратена програма на државната матура со образложение дека немале доволно време да ги подготват испитите. Наместо четири, тие бараа да полагаат два испити на матурата, од кои еден задолжителен македонски јазик и еден изборен предмет.

Од Сојузот на средношколци претходно соопштија дека го прифаќаат решението за државна матура за кое се разговарало со премиерот Зоран Заев, пратеничката Моника Зајкова и советникот на премиерот Ѓорѓи Тасев.

„Овој компромис предвидува полагање на два екстерни и два интерни испити, односно третиот екстерен испит да се организира интерно. Овој чекор повлекува промени и во начинот на добивање на поените за државната матура, па екстерните испити ќе носат најмногу 20 поени (наместо сегашните 30), интерните најмногу 16 (наместо сегашните 6) и проектната задача ќе продолжи да носи најмногу 4 поени“, појаснуваат од Сојузот.

Од МОН додаваат дека овој модел на полагање на државна матура бил веќе применуван во нашата држава од учебната 2007/2008 до учебната 2012/2013 година.

„Во извештаите на ОЕЦД државната матура како дел од образовниот систем е позитивно оценета и планираме и понатаму да ја подобруваме и унапредуваме. Министерството за образование и наука продолжува посветено да работи на создавање на квалитетно образование коешто е во интерес на учениците“, се вели во соопштението на МОН.

 

Слични содржини