„Ги анализираме сите информации и сите податоци со кои располагаат службите, а разменуваме и податоци со колегите од бугарското МВР. Постојат структури кои не сакаат мирно чествување и би посакувале тензии на утрешниот ден. Таквите радикални структури тоа го прават за некакви сопствени потреби“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во „360 степени“ на Алсат М.
Тој додаде дека сведоци сме на повици од одредени радикални структури, навивачки групи, патриотски институти и слично за некакво чување, но повтори дека тоа е обврска на секој граѓанин и на институциите.
„Да не дозволиме да имаме некаков инцидент, никакво нарушување на мирот и стабилноста и никакво чествување во кое ќе се нарушат чувствата на македонскиот народ и македонската држава“ рече Спасовски.
Министерот апелираше да се смират тензиите, бидејќи нема потреба од тоа и кажа дека постои оперативен план врз основа на кој ќе работи полицијата.
„Не може да има собирања во зоната која се обезбедува. Не може да дозволиме да се организираат собири или било што друго во моменти кога имаме зголемени тензии“ рече Спасовски.