Постои ли закана по безбедноста на Самитот на ОБСЕ во Скопје? „Нашите служби имале доволно време да се истражи сериозноста и основаноста за обидот за атентат на Османи во февруари во Молдавија“

од Nikola Popovski
589 прегледи

Од 1 јануари 2023 година, Република Северна Македонија официјално започна со претседавањето со ОБСЕ – најголемата светска регионална безбедносна организација која опфаќа 57 држави учеснички од Северна Америка, Европа и Азија. Министерот за надворешни работи Бујар Османи претседава со оваа важна мултилатерална организација која работи на сеопфатни аспекти на безбедноста поврзани со политичко-воената, економско-еколошката и хуманата димензија. Во Скопје денеска почнува тридневниот 30-ти состанок на министрите од ОБСЕ, на кој ќе се соберат над 70 делегации со околу 1.000 членови. Покрај министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, најголемо внимание привлекува најавеното присуство на американскиот државен секретар Ентони Блинкен и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, чија билатерална средба засега не е закажана. Министрите ќе донесат одлуки за понатамошното функционирање на ОБСЕ, а извесно е дека ќе одлучат Малта да ја преземе улогата на претседавач со ОБСЕ за 2024 година. По повеќе од три децении независност, Македонија за првпат е домаќин на ваков собир, што се смета за голем успех на домашната дипломатија во земјава. Подготовките за овој настан траеја цела година, а ќе бидат ангажирани и повеќе полициски и контраразузнавачки служби бидејќи целиот собир ќе биде од висок ризик.

Кои ќе бидат главните предизвици од безбедносен аспект? 

Одржувањето на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје претставува многу значаен настан за нашата држава од неколку аспекти оти станува збор за најголем меѓународен собир во историјата на земјава, вели во разговор за „Локално“ деканот на Факултет за правни науки, меѓународни односи и дипломатија, проф.д-р Атанас Козарев. Тој потенцира дека овој состанок има јубилеен карактер бидејќи е 30-ти Министерски состанок и ќе се одлучува за новата земја претседавач со ОБСЕ.

Атанас Козарев

-Сите овие точки го потенцираат нивото на важност на настанот од глобален, безбедносен и би можел да кажам историски аспект. Во однос на главните предизвици на состанокот единствено официјално можевме да дознаеме од министерот Бујар Османи дека ќе се разгледува иднината на ОБСЕ, односите произлезени од војната во Украина, климатските промени, младите и цивилното општество. Посебно беше потенцирано дека се очекуваат и странични настани односно теми кои може да произлезат од интересот на присутните министри. Сметам дека само неколку денови после оваа изјава на министерот Бујар Османи, поради отсуството на делегациите од балтичките земји, наспроти доаѓањето на министерот за надворешни работи на Русија, се доведува во прашање смислата на прашањето за војната во Украина бидејќи оние кои се најмногу погодени нема да учествуваат и нема да бидеме во можност да го слушнеме мислењето на двете страни. Тоа според мене е сериозен хендикеп и фрла сенка на разгледувањето на ова многу важно прашање од агендата на Европската унија вооопшто, порачува Козарев.

Со оглед на големиот број високи гости и делегации, на прашањето дали Скопје има капацитет за настан од ваков карактер, соговорникот истакнува дека безбедносниот систем на земјава има капацитет, потенцијал и интегритет за гарантирање на безбедноста на настани од голем дострел каков што е Министерскиот совет на ОБСЕ.

-Деновите пред одржување на состанокот граѓаните беа редовно информирани за значајноста на овој настан, за потребата да се покаже поголемо ниво на безбедносна култура, со јасно определување на периметарот на настанот. Благодарение на транспарентноста на МВР која дојде до израз изминатите денови со објавување на детални информации за ограничувањето на движењето на граѓаните за време на настанот очекувам безбедноста да биде највисоко ниво. Верувам во припадниците на МВР кои имаат искуство во справување со предизвиците од оваа природа и очекувам нашата држава да биде меморирана како сериозна држава, партнер на НАТО и по тоа да биде препознатлива во регионот, оценува проф. Козарев.

Според него, безбедносните служби на РСМ, разузнавачката и контраразузнавачката и воената служба соработуваат во текот на нивното работење, но верува дека имаат комуникација со нивните партнерски служби од регионот и пошироко. Ова во контекст на објавата на молдавскиот портал „Реалитатеа“, кој пред 11 месеци наведе дека со автомобил-бомба на 14-ти февруари бил планиран атентат врз министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој како претставник на Северна Македонија – земја претседавач со ОБСЕ, тогаш беше во посета на Молдавија.

-Во тој контекст, прашањето кое го поставивте за евентуална закана за конкретна личност датира од месец февруари и оттука сметам дека нашите служби имале доволно време да се истражи сериозноста и основаноста на оваа закана, укажува професорот.

Потенцира дека токму заради високото ниво на делегациите кои пристигнуваат во нашата држава активноста на Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност, ВСБР и нивната помош од партнерските служби е на високо ниво на безбедносното дејствување.

-Поврзано со ова, присуството на американскиот државен секретар Блинкен дава посебна тежина за нашите безбедносни служби што претставува голема задача со историска важност за безбедносниот систем во целина, заклучува Козарев.

Состанокот во Скопје кој ќе стартува денеска според најавите се очекува да го следат повеќе од 200 акредитирани новинари и сниматели. Како најголеми делегации се очекува да бидат руската, американската, но и на други поголеми европски држави. Од она што се знае, руската делегација би броела околу 80 луѓе, меѓу кои и 20-на руски новинари. Според проценките на минситерството за надворени работи во Скопје се очекува присуство на околу 1 000 гости. Според МНР организацијата на целиот настан досега чини околу 3 милиони евра.

Н.П.

Слични содржини