Граѓаните да не користат нееколошки материјали за затоплување, општините да ги субвенционираат ранливите категории, апелираше денеска министерската за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова од настан од Штип. Одговорајќи на новинарско прашање, во однос за загадувањето во пресрет на грејната сезона, министерката кажа дека постојано се спроведуваат проекти за намалување на загадувањето.
– Неколку години имаме активен заем од Светска банка којшто им помага на општините во замена на нееколошките со еколошки системи, енергетска ефикасност на мерките, изјави Шукова.
Таа потсети дека и Владата неколку години по ред финансира проекти за јавните објекти за замена на нееколошки во еколошки системи.
– Паралелно на ова имаме уште еден проект кој започна и се вика „ЕУ за чист воздух“ којшто ќе помогне на градот Скопје и на уште неколку позагадени општини во замена на системите за затоплување од нееколошки во еколошки, зазеленување на површини, набавка на еколошки автобуси за градот Скопје, изјави Шукова.
Во изјавата за медиумите, министерката посочува дека и граѓаните мора да користат еколошки материјали за затоплување, посочувајќи дека има граѓани кои користат старо отпадно масло, пластика, гуми што влијае и врз здравјето на луѓето. Таа ги повика општините да почнат да размислуваат за субвенционирање поранливите категории во однос на набавка на еколошки материи за затоплување, дрво, пелети. Во однос на контролите кажа дека државата преку инспекторатот постојано спроведува контроли на А инсталациите.
– Локалните инспектори се надевам дека вршат контрола на Б инсталациите, не можеме ниту согласно директивите на ЕУ ниту согласно локалните закони кои кажуваат дека не можете да влезете во домот на граѓаните и да провериме со што се грее, изјави министерката.
Таа апелираше да се подигне јавната свест кај граѓаните за користење на еколошки материи за затоплување.