Она што режимот на дпмне мицковистичко му го прави на синдикалниот лидер – господин Слободан Трендафилов – е „показна вежба“ за тоа што ги чека сите оние што сериозно ќе се спротивстават на диктаторскиот режим во мициленд. Ваквиот невиден во 21 век медиумско-институционален линч, се разбира, не важи за оние фолирантски т.н. опозициски политички партии кои се поизвесно е дека се во политички договорена игра со режимот, или за сервилните политичките партии кои демек се револуционерни и силни се додека не изнакупија џипови и деловни простори (веројатно за партиски журки). Се чини, дпмне мицково практикува современа форма на систем на тортура наречен „топол зајак“, според островот на ужасот – титовиот голи оток – а мициленд се повеќе наликува на Голи оток. Имено, таму новите затвореници кога пристигнувале директно од бродот до влезот во затворските мачилишта морале да се движат низ двоен шпалир од затвореници наречени ревидирци, кои по наредба ги удирале со стапови и камења сите кои поминувале (меѓу другите и писателот Добрица Чосиќ во разговор со злогласниот Александар Ранковиќ Лека сликовито и подробно ја опишува монструозноста на таквото мачење) – и тоа било наречено „топол зајак“, симбол на процедура на удирање од сите страни и по сите аспекти и делови на животот на оној што бил обележан као непријател на режимот. Така и денес, во определена смисла, им се случува и допрва ќе им се случува на сите кои ќе се осмелат да се побунат против антинародниот режим и теророт на системот на институции подјармени и поставени целосно во функција на истиот, а посебно ако е битен дел или уште повеќе лидер на општествена група или движење што има потенцијал сериозно да ја загрози апсолутната власт на режимот. И нема граници кои режимот нема да ги помине во желбата да се зачува себеси – снима деца, злоупотребува безбедносни служби (тајната полиција), институции на режимот кои впрочем и онака се нивни слуги и инструмент за терор од секаков вид, медиумски ги расчеречува преку платениците на своите гебелсовски т.н. медиуми, и сето тоа според удбашкиот модел на „топол зајак“. И не само затоа, мициленд е како голи оток, островот на смртта во титова југославија.
Венко Марковски и голи оток
Писателот Венко Марковски кои со години бил таму го дава веројатно најсликовитиот, најпоетски опис на Островот на смртта – „Голи оток е населен со призрачни виденија. Воздухот на голи оток тежи како ладен челик. Времето на голи оток уште е во бронзената епоха. На голи оток се е грозно, страшно. Како се да говори со нем, мртовечки јазик: некогаш и ние бевме живот, сега сме смрт! Некогаш и ние бевме радост, сега сме глува, престоена тиња. Сега сме тажна, безживотна пустина“(Венко Марковски, Голи оток – остров на смртта, Скопје, 2009, стр.41). И, како за мициленд да кажува, дека е место каде што „сенки ќе се движат и ќе го пополнуваат пустошот со трепет, виденија ќе крстосуваат, од длабините на морето ќедоаѓаат проклетијата на луѓето кои лежат со врзани раце и со камења на врат на дното на Јадранското море. И ноќта ќе станува погрозна и воздухот ќе станува поостар и морето побурно и Велебит помрачен… И кој ли ќе може од живите да биде спокоен во таква ноќ? Трагите на убиените како крвави рани крвават ги повикуваат на клетва современиците, потомците, граѓаните на таа измачена, страдална Југославија“ ( стр.231-232).
И Симон Дракул во својата исклучително вредна книга „Белата долина“ го опишува тоа време на терор и елиминирањето на вистинските народни водачи, Македонците омилени кај народот – за да постави подопашници и полтрончиња кои со својата неспособност ја уништувале Македонија на секој начин и во сите аспекти.
Тито и Македонскиот народ
Освен што прогонил илјадници Македонци на голи оток, што друго сторил Тито за Македонија и Македонскиот народ? Па еве што: ја оставил Македонија и Македонскиот народ најсиромашни во цела Југославија, топилницата за олово и цинк ја изградил среде Велес за до ден-денес да умираат Македонски деца од рак, со почва и вода загадена со тешки метали, Железара среде Скопје да го труе ја направил сосе Охис, Драган Богдановски во гепек од Марсеј (или Брисел, архивите на УДБА уште ги кријат нивните наследници и потомци) во идризово го однеле, Ченто од врховен командант на НОБ и Претседател на Македонија го затворил во идризово, ги раселил ширум светот Егејците наместо да ги насели во Македонија со што денес ќе бевме 95 проценти Македонски народ во Македонија (наместо само 53 проценти колку што сме сега), преку своите полтрони овде ги уништил автентичните македонски економски, сточарски и земјоделски практики, кои го одржуваа битие на Македонскиот народ на оваа територија – и со тоа предизвикал големи емиграциски бранови на Македонците, ги направил печалбари; удба и озна свирепо ги убивале најдобрите Македонски младинци кои живееле за сонот независна Македонија сосе Пиринска и Егејска (беломорска), крвнички „создал“ масовни гробници на стрелани без судење во велешко, кумановско, струмичко, и на којзнае уште колку места на Македонската земја.
Ја затворил границата кога нашите Македонци на Грамос и Вичо планина со напалм бомби ги гореа. Толку ја „сакал“ Македонија и Македонскиот народ што им направил болница во Катланово, дури околу 300 километри од фронтот, а за преврски ги носел дури во Азот, велешко јасеново, на „само“ 200-250 километри од фронтот. Крваво коледе подготвил преку Светозар Вукмановиќ – темпо што го пратил овде како негов претставник, со митралези наредил да пукаат удбашите по Македонските партизани кога наместо на срем сакале да појдат кон Солун (исто и косовските бригади ја одбиле наредбата да одат на сремскот фронт и кренале востание кое било задушено). Ги тепал преку удба во Австралија и Канада и ширум Европа нашите што печателе весници во кои ја критикувале подредената положба на Македонија во југословенската федерација, додека цело овошје од Преспа го носел во Словенија за скапи Фруктал сокови со кои Словенија се богатела, и денес е дури 3 пати побогата (според БДП) од Македонија, итн. итн. А да, во идризово вработувал удбаши од цела југославија, според мемоарите на Ефтим Гашев, за да ги дават Македонците и фрлаат од чавкарникот во идризово. Критериумите за селекција во битните државни институции биле удбашки – кодошлак, неспособност, сервилност.
Тито ја предал Македонската кауза и сонот на нашите претци за природна-обединета, слободна и суверена држава, Македонија. Во голема мерка денешната пропаст на Македонија и Македонскиот народ е негова вина, и на неговите лингури на Водно и елен-камен, кои до ден-денес ја крадат и уништуваат Македонија. Тој го воспоставил малодушниот модел на мислење, многу Македонци станале „македончиња“ и останале тоа до ден-денес. А како што рече Бранко Црвенковски – со ситни души држава не се прави. Оставил поданички, ропски менталитет односно го зацврстил бидејќи поговорките кои ги има само кај нас – „наведната глава сабја не ја сече“, или „првите петли во казан завршуваат“, или „копај нов бунар но не плукај во стариот“ и многу други кои додуше се од порано, што го покажува континуитетот на тој губитнички колективен дух на „македончето“ кое еве денес дојде за наплата со тотално дестабилизирана позиција како субјект во државата и како држава, и која ште слабее секој ден уште и уште, на пример со бизарната поддршка на некои за антиуставното барање за полагање на правосуден испит и на албански јазик (белким нема да мораме да учиме албански кога ќе не судат ако судијата зборува на албански јазик сосе обвинителот). Тоа е тој темпорално неодржлив социо-психолошки менталитет, колективен духна „македончето“, во опкружување на други кои не се такви, токму напротив. Во голема мерка од Тито е создадена таа колективна неспособност, неписменост, алчност и егоизам без макар и минимално чувство за колективен, заеднички Македонски интерес.
Сето тоа, во тие 45 години, не ја намалува одговорноста и неспособноста на македонските политички „елити“, токму напротив!
Гледање во своето, Македонско огледало, денес
Македонија ја живее најтешката општествена, економска и политичка криза во последните 35 години, изолирана и најсиромашна, со побунет народ кои сеуште нема можност да го насочи и изрази своето незадоволство од однародениот режим.
Македонскиот народ мора да пронајде барем малку сила да се погледне себеси и запраша како и зошто во последните десетина години биднавме најсиромашна држава на Балканот, во Европа и пошироко – можеби некои африкански држави се посиромашни од нас; како го изгуби милениумското име кое беше колективна рефлексија на историското битие на народот, како стана двојазична со постојани тенденции за понатамошно разнебитување на сите основи – Македонскиот народ мора да се сооочи со болните вистини денес, за воопшто да има барем некакви мали можности за свое утре, како народ со своја држава.
Тито го оставил семето на злото и кодошлакот, малодушноста и коруптивниот, себичен менталитет и само така беше можно да ни се случи мициленд. Тој удбашки, озна-шки менталитет транспониран во мициленд денес резултира со нови, покомплицирани методи кои сепак во суштина се „топлиот зајак“ од голи оток. Мициленд е нашиот голи оток, сиот мициленд е „топол зајак“ за нас кутрите Македонци и граѓани што не сме мициња.
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.