Поткуп од 20.000 евра за прием во болница: Приведени две лица, меѓу кои и директорот на геријатрија

од Љубиша Владимиров
1,8K прегледи

Во сенка на хроничниот недостиг од болнички капацитети за постарите граѓани, јавноста денес беше потресена од информацијата дека директорот на Специјалната болница за геријатриска нега, д-р Мухсин Арифи, бил приведен под сомнение дека зел мито за да обезбеди болнички кревет.

Иако официјално не се соопштува колкав бил износот на земените пари, неофицијалните информации кои кружат во медиумите говорат за шокантна сума од 20 илјади евра. Според извори упатени во случајот, станува збор за класичен пример на злоупотреба на позиција – особено во систем каде секој кревет значи надеж за најранливите.

Во кратко соопштение, од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција информираа дека во координирана акција со Министерството за внатрешни работи, приведени се две лица.

„Станува збор за кривични дела примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание. Истражните органи работат на целосно расчистување на случајот“, стои во одговорот од Обвинителството.

Во меѓувреме, пациентите и нивните семејства остануваат фрустрирани – не само од долгите листи на чекање, туку и од сознанието дека пристапот до основна здравствена заштита можеби се одредува според дебелината на паричникот.

Слични содржини