Потрагата продолжува: Од Данка ни трага ни глас повеќе од 20 часа

Директорот на Центарот за исчезнати и малтретирани деца, Игор Јуриќ, истакна дека со оглед на возраста на Данка, полицијата се сомнева дека станува збор за киднапирање и дека со активирањето на системот „Најди ме“ во јавноста уште во првиот момент од исчезнувањето на девојчето би се загрозил нејзиниот живот.

од Бети Божиноска
469 прегледи

Двегодишното девојче Данка Илиќ кое исчезна од Бор вчера околу 13 часот и 45 минути во населбата Бањско поле се уште не е најдена и потрагата по неа се уште трае, пренесуваат српските медиуми. Голем број луѓе се на терен, а во потрагата се вклучени и рудари.

Од Горската спасувачка служба велат дека во потрагата по исчезнатата Данка се вклучени и хеликоптери, а теренот го пребаруваат и беспилотни летала со термичка слика. Студеното време и дождот уште повеќе ја отежнуваат ситуацијата.

Таткото на исчезнатото девојче Милош Илиќ од Бор, испрати силна порака до својата ќеркичка преку социјалните мрежи.

„Злато татино, тато ќе те најде! Свету мој мал! “ напиша Милош Илиќ на својот профил на „Фејсбук“ каде објави и фотографија од ќерката по која се трага од вчера. Под фотографијата само се наредени пораки за поддршка до неутешните родители, кои се на терен.

По нејзиното исчезнување, во Србија за првпат е активиран системот „Најди ме“ (Amber Alert), наменет за итно јавно известување во случај на исчезнување на малолетно лице. Сепак системот беше пуштен неколку часа поисчезнувањето, што отвори многу прашања кои денеска го добија својот одговор.

Директорот на Центарот за исчезнати и малтретирани деца, Игор Јуриќ, истакна дека со оглед на возраста на Данка, полицијата се сомнева дека станува збор за киднапирање и дека со активирањето на системот „Најди ме“ во јавноста уште во првиот момент од исчезнувањето на девојчето би се загрозил нејзиниот живот.

Како што објасни Јуриќ, брзината во овој систем е клучна, а критериумите биле исполнети, но основниот критериум да не се загрозува животот на детето не бил исполнет и тоа е она што се чекало.

Коментирајќи го податокот дека некои граѓани многу доцна добиле СМС-порака со информација за исчезнувањето на Данка, Јуриќ вели дека Србија има проблем поврзан со техничките услови, односно дека мобилните оператори во Србија не можат да испраќаат повеќе од 50.000 пораки во минута, отттаму и доцнењето кај некои граѓани.

„Работиме на подобрување на системот, имаме закажан состанок со Вибер за 10 дена за потпишување на договорот со што дополнително ќе се подобри системот. Со оглед на тоа дека ова е првиот аларм „Најди ме“ и дека овој метод на пребарување е за прв пат воведен во Србија, морам да кажам дека завршивме добра работа. Нема да биде добро ако не се најде детето“, истакна тој.

Јуриќ вели дека полицијата засега нема да дава дополнителни информации бидејќи не се целосно сигурни дека тоа нема да ја загрози потрагата по девојчето, освен ако има потреба од такви информации, кои би биле јавно објавени, за да се помогне во самата потрага.

Како што е наведено на веб-страницата pronadjime.mup.gov.rs, Данка има кафена коса, кафени очи и е висока околу 85 см. Во моментот на исчезнувањето таа носела виолетови панталони, маслинесто зелена јакна, а косата и била врзана во опавче.

Според репортерот на „Курир“, куќата во која живее Данка се наоѓа на 300 метри од главниот пат. Зад куќата има шума, но тоа не е густа шума, туку расчистена површина. Изолирана е од другите куќи. Се наоѓа на самиот крај на населбата, а теренот е непристапен.

Градоначалникот на Бор, Александар Миликиќ изјави вчера дека екипите кои го пребаруваат теренот по двегодишното девојче ќе продолжат со потрагата и во текот на ноќта.

„Ќе продолжиме и вечерва, ќе бидат вклучени уште три беспилотни летала на МУП и две беспилотни летала од приватни компании кои имаат камери за термичка слика. Во потрагата ќе бидат вклучени и кучиња обучени за потрага“, изјави Миликиќ за Танјуг.

 

 

Слични содржини