Конечен став околу иницијативата за забрана на социјалната мрежа Тик Ток во државава ќе има само по координирана активност со правосудните, образовните и безбедносните институции, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу после барањето на дел од јавноста, но и дел од политичките партии за забрана на социјалните мрежи кои поттикнуваат насилство.
Алиу во писмена изјава нагласи дека цензурата во земјата е регулирана со Уставот.
-МИОА има јасен став дека е против секој вид на говор на омраза или насилство, без исклучок, и поддржуваме санкционирање на секој извор на говор на омраза/насилство. Потребно е да направиме дистинкција помеѓу говор на омраза/насилство како и извори на говор на омраза/насилство од една страна и самите платформи за говор преку кои таков говор би се трансимитирал. Оттаму, Министерството ги зема предвид сите социјални платформи без исклучок. Иако во моментов не заземаме став за забрана на која било социјална платформа, но и како родители, силно сметаме дека социјалните платформи како феномен на цивилизацијата на нашето време треба да почнат да се регулираат, стои во изјавата на министерот.
Од МИОА апелираат за зголемување на свесноста за социјалните платформи на наставно образовниот кадар и кај родителите и огромно внимание. Дополнително, вклучително и до невладиниот сектор, како и останатите државни институции, телевизиски и радио концесионери да продуцираат содржина со образовно воспитен карактер и да ги пополнуваат празнините на социјалните платформи со добри содржини.
Прашањето за евентуалната забрана на Тикток се покрена после двата масакри во Србија извршени од две млади лица. Се повеќе се смета дека оваа социјална мрежа има негативно влијание врз младите и претставува ризик.