Потребно е воведување системски решенија за трансформација на примарната здравствена заштита, вели Меџити

од Vladimir Zorba
255 прегледи

Засилување на улогата на матичните лекари, како и намалување на административни процедури за препишување на хронична терапија, на денешниот брифинг со новинарите, беа промовирани новините во примарната здравствена заштита, со цел, како што беше кажано, приближување и поедноставување на услугата за сите пациенти.

– Врз основа на детална анализа, која ја спроведе Министерството за здравство, со поддршка од останатите надлежни институции и во соработка со Светската здравствена организација, се увиде потребата од воведување системски решенија за трансформација на примарната здравствена заштита, што претставува основа на целиот здравствен систем, информираше министерот Фатмир Меџити.

Тој појасни дека трансформирањето на системот на ПЗЗ е во насока на модернизирање и интегрирање на услугите со други области на здравствениот систем, со посебен фокус на хроничните заболувања, како и трансформација на здравствениот систем од дијагностичко ориентиран – во пациент центричен систем.

На овој начин, нагласи тој, се врши растоварување на секундарното и терциерното здравство, преку засилување на улогата на матичните лекари, како и намалување на административните процедури за препишување на хронична терапија.

– Паралелно со тоа ќе овозможиме поголем број лекари од општа пракса да имаат специјализација по семејна медицина, со цел пациентите да добијат што е можно повеќе здравствени услуги на едно место – ЕКГ, ЕХО, доплер, спирометрија, проширен ЛУ1 пакет и слично, појасни министерот.

Сите овие активности, рече тој, кои се дел од реформата на ПЗЗ, се реформска мерка и во програмата за економски реформи на Владата за периодот 2023 -2025, а доставен е и предлог да влезат во новата стратегија на Светска банка за партнерство со нашата држава за периодот 2024-2028 година.

– Неделава ја посветуваме на промоција на новините во системот на примарна здравствена заштита, отпечатени се информативни брошури со поддршка од СЗО, завршена е едукацијата за 700 матични лекари за новиот правилник за препишување лекови и во следните неколку дена планираме посети во повеќе здравствени домови во државата, со цел одблиску да ги запознаеме пациентите и докторите со овие новини, информираше Меџити.

Слични содржини